Владеењето на правото е невозможно без деполитизирани и стручни правни структури.

0
970

Во Република Македонија денес постојат сите предуслови „продолжената транзиција” да трае уште најмалку една генерација поради трите клучни области во кои се’ уште нема суштински напредок: владеењето на правото е неразвиено и крајно селективно, економијата е комплетно државно управувана, додека огромен дел од вредноста што ја создаваат приватните фирми се сели во буџетот кој потоа безмилосно се троши и злоупотребува, додека општествените односи се’ уште не раѓаат внатрешни интегративни структури и стандарди, напротив, одиме кон зголемување на омразата и верската нетолеранција.

Владеењето на правото е невозможно без деполитизирани и стручни правни структури. Секоја нова влада доаѓа на власт со мотото „ние знаеме како” и како прва обврска си ја задава окупацијата на судството и Обвинителството, а од МВР прави партиски орган на репресија. Ако на тоа се додадат, главно, нископрофилните по дух и карактер кои работат во овие институции, кругот е затворен. Остануваат само исклучоците од ова правило, кои немаа пластични импланти наместо ’рбет, да ги чуваме во природо-научен музеј и тука ниеден „тинк тенк“ не може да помогне.

Ако на ова се додаде фактот што не функционираат и меѓународните механизми (Судот во Стразбур се (само)претвори во предмет на шега, а да не зборувам за механизмите на ООН и ОБСЕ), трагедијата е комплетна. Значи, ништо не може да ја супституира политичката волја на една структура да овозможи доследно функционирање на овие сегменти и со тоа да ги заштити граѓаните од самата себе. Ама тоа зборува и за фактот: кого народот избира на избори? И дали има воопшто избор? Во економијата треба да престанат манипулациите, полувистините и креативното толкување на статистиката. Да им се овозможи на сите еднаков пристап, а не само блиски пријатели да градат зад „рамстори“, трговски, „мали рингови“ и сл. Да се напушти небулозата на гринфилд-инвестиции како единствен излез и, конечно, да се сфати дека домашното инвестирање треба да се стави во прв план.

Ако само 20 отсто од депозитите во банките се инвестираа на Берза, тоа е повеќе од сите странски инвестиции за една година. Значи, треба да се зголеми довербата на граѓаните во акционерските друштва преку доследна примена на законите во оваа област, со што ќе се спречи исцицување на стотици милиони евра акционерски капитал, и најитно да се укине – барем за извесен период – данокот на капитална добивка, со што граѓаните ќе се преселат од банките на Берза. А потоа ќе дојдат странците, но тие ќе купуваат од новите акционери по повисока цена, а не обратно, како што беше случајот досега. Пресметајте го импактот на овој чекор, ќе добиете интересни резултати. Владата треба да престане со болшевичкиот начин на саморекламирање со што, всушност, само им го крши ’рбетот на медиумите, кои се основата и главната ударна игла на цивилното општество, кое е обезличено и без никакво влијание.

Парите потрошени за реклами (читај: купување медиуми), заедно со парите вратени минатата година, т.е. најмалку 300 милиони евра, можеа да когенерираат уште најмалку една милијарда евра од меѓународни фондови, што е доволно за едно „Белене” (како парадигма за постигнување енергетска самоодржливост, не исклучиво како нуклеарка) во Македонија. Треба веднаш да се престане со манипулациите околу замислените економски успеси, а особено со оние со директен удар врз стопанството: намалуваме даноци, но и укинуваме даночни ослободувања; намалуваме придонеси, но оданочуваме хранарина и превоз итн. Суштински да се смени функционирањето на регулаторните комисии, кои постојат за заштита на интересите на граѓаните, а не за нивно пљачкосување. Клеродилетантите да сфатат дека не се меша вера и нација – барем не денес и тука. Да се укине веронауката, бидејќи се сее семето на идните верски судири – само уште тоа ни треба!

Да сфатат дека и Македонците-католици и протестанти, но и атеисти се доволно добри Македонци. Да покажат дека Александар е навистина Велики и на дело, а не само во кафеани и дома: да не му се тресат гаќите на секое кивање од Белград; (…)
(21.10.2008, Globus)

Фејсбук статус на Суад Мисини