СОНК И ВЛАДАТА ПОСТИГНАА ДОГОВОР – ШТРАЈКОТ СЕ ПРЕКИНУВА, ПЛАТИТЕ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ 12% ОД ЈУЛИ

0
822

СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите на вработените во училиштата и градинките за 12 отсто. Конечниот збор за прекин на штрајкот, СОНК ќе го каже утревечер по консултациите со членството и доколку биде позитиве, учениците би требало да се варатат на настава од среда.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков по тричасовни разговори во Владата изјави дека успеале да ги усогласат ставовите во рамки на можностите на државата за зголемување на платите во дејностите детска заштита и образование што би почнало од месец јули со завршување на ребалансот на Буџетот и со обезбедување на потребните средства.

Зголемувањето ќе изнесува 12 проценти на сегашните плати со додатоци предвидени со Колективниот договор. Се разговарало и за изработување колективни договори во дејноста детска заштита, основно и средно образование и решавање на некои отворени прашања како што се патните трошоци и регресот за годишен одмор.

Им се извини на сите засегнати во овој процес, особено на учениците и родителите, кои претрпеа загуба со неодење во училиште, но најави дека наставниците по завршување на штрајкот ќе се заложат максимално да се надомести материјалот предвиден до крајот на учебната година. Дополнително ќе се разговара со МОН дали ќе има потреба од продолжување на учебната година или со соодветни скратени програми ќе се надомести загубеното.

Неделков и се заблагодари на Сузан Флокен од Европската конфедерација за синдикати за образование која, како што рече, придонела да се избалансираат ставовите од двете страни.

Министрите за образование и за труд и созијална политика, Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска, изјавија дека очекуваат од среда уилиштата и градинките да почнат да функционираат нормално.

Тренчевска рече дека со зголемувањето на платите нема ризик од дополнителна инфлација и загрозување буџетот и најави дека потребните средства ќе бидат обезбедени со ребалансот на државаната каса.