УЖАС ВО МАРОКО – ВО СИЛЕН ЗЕМЈОТРЕС ЗАГИНАА ПОВЕЌЕ ОД 1.000 ЖИТЕЛИ И ПОВЕЌЕ ОД СТОТИНА ПОВТРЕДЕНИ

0
295

Најголемата штета и најголем број загинати има во тешко достапни планински области, а повредените се пренесени на лекување во болници. Од македонското МНР информираа дека во нашето ДКП во Каиро досега се пријавени двајца македонски државјани, кои се евакуирани и моментално се во камп во Маракеш. Тие се во добра здравствена состојба и утре вечер патуваат во Мадрид. Од МНР ги повикаа сите наши државјани кои во моментов се во Мароко и имаат потреба од конзуларна асистенција, да се јават на дежурниот телефон на амбасадата во Каиро или на СОС телефонот на МНР.

-Во нашето Дипломатско конзуларно претставништво во Каиро досега се пријавени само двајца наши државјани, кои се евакуирани и моментално се во камп во Маракеш, во добра состојба и утре вечер патуваат за Мадрид.

Ги повикуваме сите наши кои во моментот се наоѓаат во Мароко и имаат потреба од конзуларна асистенција, да се јават на дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро

+20 103 361 5542 и СОС телефонот на Министерството за надворешни работи  075/ 273 – 732.

Земјотресот се случи на планинскиот венец Висок Атлас во Мароко синоќа по 23 часот по локално време, на длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од Маракеш.

Само 290 смртни случаи се регистрирани во провинцијата Ал Хауз и 190 смртни случаи во провинцијата Тарудант. Oвој земјотрес резултираше и со уривање на голем број згради во овие области и региони, Вооружени сили, локалните власти, безбедносните служби и цивилната заштита во сите засегнати региони продолжуваат да се мобилизираат и да ги користат сите средства и со цел да се интервенира, да се обезбеди потребната помош и да се процени штетата. – Рашид Ел Калфи – Генерален секретар на Министерство за внатрешни на Мароко

Првите снимки кои пристигнаа од Мароко покажуваат дека Маракеш, историски град под заштита на УНЕСКО, претрпел големи штети. Жителите на Маракеш, еден од најпогодените градови, излегоа од своите куќи во страв од последователни потреси. На објавените видеа се гледаат оштетени згради и улици покриени со урнатини, како и луѓе кои панично бегаат низ облаци од прашина.

-Силно се почуствува кај нас. Луѓето излегоа веднаш на улица откако настана целосна паника.

-Само што почувствувавме тресење веднаш излеговме надвор. Жена ми првин помисли дека е хеликоптер, но јас знаев дека е земјотрес. Одеднаш луѓето почнаа да трчаат на сите страни по улиците.

Освен во Маракеш, тресење на земјата се почувствувало и во Рабат, Казабланка, Агадир и во Есауира, предизвикувајќи паника кај населението. Многу луѓе излегоа на улиците во тие градови во страв од уривање на нивните домови, а десетици луѓе ја поминаа ноќта на улиците. Светските лидери денеска изразуваат сочувство и понудија помош за земјата. Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на социјалните мрежи изрази сочувство до семејствата на жртвите од земјотресот.

-Шокиран сум од синоќешниот разорниот земјотрес во Мароко со стотици жртви. Искрено сочувство до семејствата на жртвите и желби за брзо закрепнување на повредените, наведе Османи.

И ЕУ изрази подготвеност да помогне. „Вестите за земјотресот се застрашувачки. ЕУ е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки времиња“, напиша претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.