ТРЕНЧЕВСКА : ОНА ШТО ЗА ЛИЦАТА СО ПОПОРЕЧЕНОСТ ПРЕД 2019 ГОДИНА НЕ БЕШЕ ЗАМИСЛИВО, ДЕНЕС Е РЕАЛНОСТ

0
237

Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ги посети малите групни домови на „Порака – Неготино“ во Волково, Општина Ѓорче Петров. Процесот на живеење со поддршка (деинституционализација) започна со воведувањето на социјалната реформа во 2019 година. Со таа одлука лицата со попреченост ги напуштија големите и гломазни институции за да живеат во мали групни домови со што им се овозможи полесна интеграција во општеството.

Во текот 2023 година отворени се четири нови станбени единици за живеење соподдршка во Скопје во рамки на Јавната установа „Завод за рехабилитација на деца и млади“ – Скопје, во кои се сместени вкупно 20 лица со попреченост, за што се одобрени финансиски средства, вклучувајќи и средства за вработување на 10 негувателки кои ја обезбедуваат услугата живеење со поддршка за лица со попреченост. Со ова бројката на станбени задници се искачи на вкупно 57 во кој живеат 300 лица со попреченост.

„Она што за лицата со попреченост пред 2019 година не можеше да се замисли како начин на живот, денес е реалност. Корисниците кои живеат во малите групни домови раководени од  „Порака – Неготино“ во партнерство со Министерството за труд и социјална политика одлично се движат по патот на општествена интеграција и независен живот. Дел од корисниците се вклучени на пазарот на трудот, дел од нив се грижат за останатите корисници кои имаат потреба од нега. Во склоп на малите групни домови се применува и окупациона терапија односно преку работни обврски за градината во домот и животните кои се дел од малата фарма на „Порака – Неготино“ корисниците работат на своите усовршување на грубата моторика“ рече Тренчевска.

При разговор со корисниците уште еднаш Тренчевска потврди дека корисниците на никаков начин не се исклучени од општеството.

„Сами одиме до центарот на градот со јавен превоз, имаме слободни возења. Нашиот негувател ни објасни како да стигнеме до центарот и кога имаме слободно време одиме  и пиеме кафе таму“ рече еден од корисниците.

Општествената инклузија е една од предностите на живеењето на лицата со попреченост во малите групни домови. Воедно ваквиот начин на функционирање го олеснува и градењето на меѓучовечки односи на корисниците.

Лицата кои се дел од „Порака – Неготино“ беа вклучени и во снимање на документарен филм кој ги прикажува придобивките на деинституционализацијата и истиот беше премиерно емитуван во 2022 година.