МИТЕВА : НОВ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР, УКИНУВАЊЕ НА ДУАЛИЗМОТ, ЈАКНЕЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО, ДОСТАПНИ ЛЕКОВИ И НОВИ ПУНКТОВИ И ВОЗИЛА ЗА ИТНА ПОМОШ СЕ ДЕЛ ОД НОВИОТ КОНЦЕПТ ЗА ЗДРАВСТВО

0
183

Пресконференција на Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитувани,

Седум години власт на СДС и ДУИ резултираше со уништен здравствен систем, незадоволни лекари и граѓани кои ја изгубија довербата во најхуманиот ресор. Затоа на здравствениот систем во Македонија му е потребен комплетен рестарт.

ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, има визија, но и мисија да го стави здравството високо на приоритетите. Градиме нов концепт за здравството. Платформата за здравствената иднина предвидува комплетна трансформација.

Најпрво приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип. Тоа подразбира и укинување на економските директори на клиниките. Ова двојство кое е базирано преку врзани потписи на медицинскиот и економскиот директор е една конфузија која не дава резултати, туку е само коалициски договор.

Понатаму, ќе промовираме национална стратегија која ќе предвидува нов начин на водење на кадровска политика, преку современа и континуирана медицинска едукација, но и современа инфраструктура. Така ќе имаме задоволен медицински кадар кој нема да заминува од Македонија, а со тоа граѓаните ќе добиваат соодветни медицински услуги дома.

Регионализацијата на здравствениот систем претставува предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги, затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на стратегија за регионализација на болниците. Штипскиот клинички центар ќе биде една од тие регионални болници.

Четврто, приоритет на идната влада ќе биде и редовното ажурирање на позитивната листа на лекови, односно проширување со нови лекови кои ќе го подобрат здравјето на граѓаните.

Почитувани,

Ќе работиме на 3 круцијални сегменти: ефективност, ефикасност и економичност во здравствениот систем. Така јавното здравство во целост ќе ги пружа услугите на граѓаните. Во однос на тоа, една од главните цели на програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде зајакнување на капацитетите на јавниот здравствен систем. Воедно, ќе изградиме и нови пунктови за итна медицинска помош и ќе го зголемиме капацитетот на возилата согласно потребите на граѓаните.

Почитувани граѓани,

Ова е новиот здравствен концепт, новата платформа за иднина која подразбира целосна трансформација на здравствениот систем. Подобри услови за медицинскиот кадар, и уште подобри услуги за граѓаните!

Прашање: Има нејаснотии за предлог на законот за рестриктивни мерки. Зошто мислите дека власта го кочи овој закон? Дали овој предлогот за ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив?

Одговор: Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДС и ДУИ. Што и објаснија од ДУИ на стратешките партнери за законот за црните листи? Дали можеби се смета дека ова не е европски закон? Зашто лажната европска коалиција на ДУИ и СДС се плаши. Тие треба да одговорат на овие прашања. Иднината што ја нуди СДС е иднина во која македонската партија е измеќар во владата и слепо служи на овие криминалци од ДУИ. Тоа е иднината со СДС. Со таква влада не 100, за 200 години нема да влеземе во ЕУ. Оттука  јасно е зошто на анкетите на јавно мислење на прашањето дали верувате дека владата може да не внесе во ЕУ до 2027-ма година, со Да одговараат само 4 посто од гласачите. Значи ни нивните поддржувачи не веруваат во ова што го зборува СДС. Треба да го сменат маркетинг тимот или маркетинг агенцијата, или кој и да ги тера да зборуваат за иднина и вакви кампањи да тераат, меурот во кој живеат ќе им се распука за брзо.