ТРАЈАНОСКИ: ЗОШТО ТОКМУ СЕГА СЕ КРЕВА ЛАЖНА ПАНИКА ЗА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ?

0
595

Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје вчера организираше панел дискусија „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“.Жарко Трајаноски, од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, укажа дека годинава одбележавме десетгодишен јубилеј од донесувањето на Националната стратегија за родова еднаквост, донесена во 2013, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ:

„Сега сме во некоја многу чудна ситуација. Некои луѓе викаат, од каде сега „родова еднаквост“. Пред десет години, луѓе, имаме Национална стратегија за родова еднаквост, каде бевте пред десет години да креирате паника дека некој сака да го загрозува семејството?“ – праша Трајаноски.

Трајаноски потсети дека медиумите и новинарите исто така имаат должност да не шират говор на омраза и да не објавуваат дезинформации: „Ние како медиумски работници, и медиумите и новинарите, исто така имаме должност. Клучна должност, прво е да не шират говор на омраза. Потоа, второ, имаат и должност да се борат против говорот на омраза. Имаат должност да не објавуваат дезинформации, туку да ги проверуваат информациите кои што ги објавуваат.“

Трајаноски потсети и на одговорноста и должностите што ги имаат он-лајн медиумите за спречување на говор на омраза во коментарите, а кои не се извршуваат: „Четири прајдови имавме последниве неколку години, на секој прајд гледаме дека се објавуваат видеа во живо, каде што одат стотици, во некои случаи и илјадници коментари преполни со говор на омраза… Медиумите се одговорни, имаат должност да не ги објавуваат тие коментари со говор на омраза, меѓутоа, тие послужија како платформи токму за тоа…“.

Трајаноски илустрираше екстремни коментари на говор на омраза за последниот прајд, кои сеуште не се отстранети, коментари во кои се спомнуваат гасни комори, Аушвиц, во кои се глорификува Хитлер и се повикува Путин да пушти атомска бомба или друго оружје за масовно уништување: „Ова се директни повици не за обично насилство, туку за геноцид. Притоа, се оправдува геноцидот на Хитлер. Хитлер во овие коментари се глорификува, што е кривично дело, според членот од КЗ кој го спомнавме. Тука укажуваме на најекстремни форми на насилство, кои што се глорификуваат, а да не зборуваме за другите форми на насилство во коментарите…“.

Трајаноски укажа дека и новинарите имаат должност да спречат ваков вид на говор на омраза, во случај доколку се јави од некои учесници во јавната дебата и да го осудат, а и институциите и невладините организации имаат должност да се борат против говорот на омраза.