ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ГОНЕЊЕ НА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ЌЕ ПОКРЕНЕ НОВИ ОБВИНЕНИЈА ПРОТИВ РАШКОВСКИ: ЗЕМАЛ И ПО 500 ЕВРА МЕСЕЧНО ОД ХОНОРАРОТ НА ВЛАДИН СОВЕТНИК?

0
964

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски на еден од хонорарно ангажираните соработници во Владата, воедно и најплатен од сите, од месечните примања од 80 000 денари му земал секој месец по 500 евра, открило Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. За Рашковски и двајцата од претходно осомничената група за незаконска набавка на софтвер кој не му требал на МВР, oбвинителството отворило уште една истрага, за друг незаконски набавен софтвер.

“Тројца од вкупно четворицата веќе осомничени лица, сториле уште две кривични дела за што надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе нова Наредба за спроведување истражна постапка против три лица. Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка, потпомогнат од останатите двајца осомничени, ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во периодот од 2017-2019 година, првоосомничениот, како службено лице при спроведување на постапка за јавна набавка искористувајќи исти прилики, со умисла извршил две временски поврзани дејствија со помош на останатите двајца осомничени. Со преземените дејствија спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, за економски оператор прибавиле корист – право да учествува во постапка за јавна набавка и да склучи договор за истата на износ од 6.455.816 денари со вклучен 18% ДДВ” – наведува Обвинителството за ГОКК.