ТОШКОВСКИ : ОДНЕСУВАЊЕТО НА ПРЕМИЕРОТ ЏАФЕРИ КОН ВРАБОТЕНИТЕ ВО МВР Е НЕДОЗВОЛИВО

0
279

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку соопштение реагира во однос на вчерашното видео кое се појави во јавноста, а на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери, како што се посочува, ненајавено упадна во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи.

-Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција.

Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот во извршување на работни задачи, токму како припадник на Министерството за внатрешни работи, се наведува во реакцијата на техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски.Воедно, тој бара од техничкиот премиер Џафери да се извини за неговото однесување во СВР Тетово.

-Во таа насока сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите, стои во реакцијата на министерот Тошковски, соопшти МВР.Техничкиот премиер Талат Џафери вчера беше во ненајавена посета во СВР Тетово и ги посети канцелариите каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање на граѓаните за лични карти, пасоши и возачи дозволи со новото уставно име на државата.