СТУДИЈА ВО ЕУ ЗА РАСИЗМОТ ПОКАЖА ДЕКА Е ВО ПОРАСТ, ПОСЕБНО НАСОЧЕН КОН ЛУЃЕТО СО АФРИКАНСКО ПОТЕКЛО

0
238

Германија и Австрија имаат најлоши резултати во ЕУ кога станува збор за односот кон црнокожите, покажува студија за расизам, спроведена во 13 земји од ЕУ, објавена од Европската агенција за фундаментални права (FRA).

Околу 77 отсто од испитаниците во Германија изјавиле дека биле дискриминирани во последните пет години поради бојата на кожата, потеклото или религијата, се наведува во извештајот, цитиран од агенцијата ДПА.

Ова е највисоката пропорција меѓу 13-те земји на ЕУ каде што луѓето со африканско потекло беа анкетирани за расизам и дискриминација. Австрија, каде што е основана FRA, имаше слични резултати како и Германија, покажа студијата.

Околу 45 отсто од над 6.700 учесници во студијата во европските земји доживеале расистичка дискриминација во последниве години. Ова е шест проценти повеќе отколку што беше откриено во претходната студија од 2016 година.

Германија е на врвот на листата кога станува збор за расно мотивирани напади, па така 54 отсто од испитаниците во таа земја изјавиле дека доживеале малтретирање, што е највисок процент меѓу 13-те земји вклучени во истражувањето.

Дополнително, девет отсто изјавиле дека лично доживеале насилство во Германија. Оваа бројка ја надмина само Финска со 11 отсто.

Повеќе од половина од црните испитаници во Германија се чувствувале дискриминирани кога бараат работа, додека просекот во 13 земји бил околу една третина или 30 проценти.

Истражувањето исто така покажа дека речиси 40 отсто од црните ученици во германските училишта се соочуваат со расистички навреди или закани, слично на ситуацијата во Ирска, Финска и Австрија.

Директорот на FRA, Мајкл О’Флаерти оцени дека трендот е „шокантен“ и дека ЕУ и нејзините земји-членки мора „подобро да ги фокусираат своите напори и да обезбедат луѓето од африканско потекло слободно да ги уживаат своите права без расизам и дискриминација“.

FRA ги повика земјите од ЕУ да соберат точни податоци за расистички инциденти и да воведат построги казни за расистичките злосторства.