СПАСОВСКИ НА ПОСТАВУВАЊЕ КАМЕН ТЕМЕЛНИК НА НОВА ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА АЕРОДРОМ : 3 НОВИ И 80 РЕКОНСТРУИРАНИ ОБЈЕКТИ, ЈАСЕН ПОКАЗАТЕЛ ЗА ПОСВЕТЕНОСТА КОН УНАПРЕДУВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ УСЛОВИ

0
553

Денеска (28.07.2023) беше поставен камен темелник на Полициската станица од општа надлежност Аеродром, во рамки на Секторот за внатрешни работи Скопје, со што официјално отпочнува градбата на нов објект на оваа организациона единица. На настанот се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, раководството на МВР, претставници од локалната самоуправа од Општина Аеродром, како и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија.

 „Новата Полициската станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на Министерството за внатрешни работи, по ИКТ Центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастрофи во Прилеп, како и по најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот во склоп на Одделот за форензички испитувања во кругот на МВР.

Предвидениот рок за изградба на објектот е 30 месеци од денот на воведување во работа на економските оператори изведувач и надзор, со вкупна вредност од околу 130.000.000 денари со вклучено ДДВ, предвидени од буџетот на Република Северна Македонија”, истакна министерот Спасовски. Министерот Спасовски го изрази задоволството што продолжува концептот „Сината униформа дејствува за зелена околина”.

„Со тоа даваме свој придонес кон остварување на Владината политика за енергетска ефикасност, преку мерки и активности за ефикасно користење на енергијата, вршење на услуги за енергетска ефикасност, како и преку исполнување на обврските на јавниот сектор во поглед на енергетската ефикасност и заштедата на енергија. Така, ги остваруваме целите на одржливиот енергетски развој, намалување на негативните влијанија врз животната средина при вршењето на енергетските дејности и потрошувачката на енергија, подобрување на сигурноста во снабдувањето со енергија, како и исполнување на меѓународните обврски на Република Северна Македонија”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека е предвиден потребниот паркинг простор кој е интегриран помеѓу веќе постоечките дрвја, кои нема да бидат отстранети, туку ќе бидат задржани на самата локација.

Истакнувајќи дека динамиката на реконструкции на објекти изминативе пет години резултираше со 80 реконструирани и реновирани објекти на МВР низ државата, министерот Спасовски рече: „Уште еден јасен показател за посветеноста кон унапредување на работните услови на вработените, затоа што за нас важи максимата „Задоволна полиција-безбедни граѓани”. Секако и годинава продолжуваме со несмалено темпо на уште две крупни реконструкции – на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во МТВ”, истакна министерот Спасовски.