СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И КОСОВО ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ ГО ГРАДАТ ТУНЕЛОТ ОД 6 КИЛОМЕТРИ НА НОВИОТ ПАТЕН ПРАВЕЦ ТЕТОВО – ПРИЗРЕН

0
206

Како што информираа од Министерството за транспорт и врски, поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри. Посочуваат дека физибилити студијата покажала дека најоптимална е трасата која почнува од Тетово преку Попова Шапка, Бродец и завршува во населеното место Вешала на македонска страна, а преку тунел ќе се поврзе со Косово.Заменик министерот Реџепи потенцирал дека овој инфраструктурен проект ќе ја зацврсти економската соработка со Косово.

-Поврзувањето со Косово ќе се направи преку изградба на тунел долг 6,4 километри, за што денеска го потпишавме овој договор меѓу двете земји. Спомнав дека е избрано најоптималното решение од причина што патниот правец минува низ ски центарот Попова Шапка, што е огромна предност за развој и зголемување на туризмот во овој регион, изјавил Реџепи.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми информирал дека патот Тетово – Призрен ќе биде дел од патот што води до Попова Шапка и ќе треба да се изградат дополнително уште 17 километри пат за кој, како што рекол, ќе се започне со проектирање.

-Со заедничкиот тунел што ќе го градиме а кој е 6,4 километри и кој ќе биде дел од Коридор 8 ја подобруваме патната инфраструктура меѓу соседните земји во регионот и меѓу градовите Скопје, Тирана и Приштина, истакнал Рустеми.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски нагласил дека во овој момент се работи на регионално поврзување со сите соседи на Северна Македонија.Министерот за животна средина и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу истакнал дека од косовска страна веќе се работи на патниот правец кој преку изградба на новиот тунел треба да се поврзе со Северна Македонија.Двете делегации, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, оствариле билатерална средба каде што ја потврдиле добрата соработка и ја потенцирале важноста на заедничките заложби за побрза европска интеграција на регионот.