СДК: СЕ УМИРА НА УЛИЦА ПРЕД КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ОД НЕПРОПИСНО ПАРКИРАНИ КОЛИ И СООБРАЌАЕН ХАОС

0
144
Хаос и безредие владее на паркингот на Клиничкиот центар во Скопје и во сите околни улици.

Паркингот е премал за да ги собере сите возила на вработените и пациентите, па сите внатрешни улици се блокирани со непрописно паркирани коли. Секој ден од 8 до 14 часот колони возила стојат, нервозни возачи свират, а пациентите умираат уште во колите на Брзата помош, пред самиот влез на Клиничкиот центар, бидејќи се заглавени во сообраќајниот хаос.

Зафатена со паркирани коли е и посебната лента за Брзата помош од влезот на паркингот на улицата Водњанска до Ургентниот центар. Таа беше направена пред три години, за да може Брзата помош која носи итни пациенти во Ургентен центар да не заглавува во гужвите туку итно да стаса до болницата. Но, сега тоа не е можно бидејќи лентата е претворена во паркинг, па Брзата помош мора да се пробива по лентата заедно со другите возила.

Патеките за движење на пациентите кои не само пеш туку и со колички и болнички кревети се пренесуваат од една на друга клиника, се зафатени со непрописно паркирани коли. Коли има на тротоарите каде се искршени столпчињата, во зеленилото па дури и пред влезовите на самите клиники. Вработените, кои се јавуваат во ЈП „Градски паркинг“ да испрати пајак за да ги ослободи барем влезовите на клиниките, се жалат дека од таму им било речено оти скопското јавно претријатие не е надлежно да испраќа пајак во кругот на Клиничкиот центар.      

Гужвата на Водњанска се прави и поради непрописно вртење лево од правецот на центарот на Скопје што е дозволено само за возила на Брзата помош. (Фото: Ѓ. Личовски)

Секоја клиника има свое приватно обезбедување, но и тие не реагираат ако пред влезовите некој се паркира непрописно. Велат дека не можат да стасаат да се расправаат со секого посебно, но лекари кои ја контактираа нашата редакција тврдат дека и некој од обезбедувањето зема мито и за 100 денари дозволуваат паркирање. Поради гужвите секојдневно има и расправии меѓу роднините на пациентите кои не можат да стигнат на време на преглед од блокираните улици.

Дополнително, блокирана со возила е и улицата Водњанска, каде секој ден во колоните возила стојат заглавени возила на Брзата помош. Гужвата на Водњанска се прави и поради непрописно вртење лево од правецот на центарот на Скопје што е дозволено само за возила на Брзата помош. Полиција одамна нема излезено на таа локација. Една лента од Водњанска е секогаш блокирана од диви таксисти, а од другата страна во исто време стојат комбиња и камиони за дотур на стока во кое било време од денот. Не се почитуваат термините за достава, но никој не става ред, ниту пак казнува. Водњанска и без гужвата од Клиничкиот центар ионака е веќе претесна да опслужи толкав сообраќај во овој дел од Скопје, бидејќи таа е единствената сообраќајница што ги спојува новите станбени населби на Водно со центарот на главниот град.

Ваквата слика на паркингот на Клинички центар и околните улици е со години, но ниту Министерството за здравство ни градските власти не преземаат ништо да го решат хаосот. Со паркингот десет години стопанисува ЈП „Градски паркинг“ и постојано се најавува дека ќе се направат катни гаражи, но никако да се стори тоа. Во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кога министер за здравство беше Венко Филипче, се направи нов паркинг со 200 места кај Клиниката за гинекологија, но тој е далеку од задоволување на потребите.

Ексминистерот за здравство Фатмир Меџити кога стапи на функција, на брифинг со новинарите рече дека прво ќе се фати за решавање на хаосот со паркирањето на Клиничкиот центар. Но, додека беше на функција ништо не се презеде.

Од Министерството за здравство не добивме одговор на нашите прашања дали и како планираат да го решат проблемот со нефункционалниот паркинг. Не кажаа ниту дали е продолжен договорот на ЈП „Градски паркинг“ кој истече во мај, или уште е во игра опцијата паркингот да го добие Службата за општи и заеднички работи на Клинички центар и да избере приватна фирма. Не кажаа ни зошто толерираат ваков хаос и дали побарале помош од полицијата и од градските власти. Не се знае колкава е дневната фрекфенција на паркирани возила и колкава е заработката само од овој паркинг. Од „ЈП Градски паркинг“ не може да се добие изјава. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовскашто им забранила на директорите на сите градски претпријатија да комуницираат со медиуми и им наредила да ги игнорираат новинарите.