СДК.МК: ПРВА ЖЕНСКА НОЌНА ТРКА ВО БИТОЛА, ТРЧАШЕ И 76-ГОДИШНА БИТОЛЧАНКА

0
580

76-годишната Доста Лазаревска вели дека и на овие години постојано трча да го заврши обврските во бавчата и пчеларниците. (Фото: СДК.МК)

Највозрасна учесничка на првата женска ноќна трка во Битола беше 76-годишната Доста Лазаревска. Рече дека и на овие години постојано трча да го заврши обврските во бавчата и пчеларниците, па одлучи да се испроба и со трчање на петкилометарската трка.

,,Работата ми е во трчање, па си реков да видам дали ќе издржам и јас една трка да истрчам. Порано бев благајничка, а сега сум пензионерка и работам со пчеларство. Ова ми е прва трка. Ме одржува работата, имам бавчи, пчели одгледувам. Имам кондиција за трчање”, рече Лазаревска.

Во трката учествуваа 250 учеснички од 5 до 76 годишна возраст, а беа вклучени и лица со попреченост.

,,Целта е да ги поттикнам сите жени и мајки да си се изборат за својата цел. Јас сум спортист и неколку години наназад почнав да се пријавувам и на трки на 5 километри. Сфатив дека трчањето е да се бориш со самиот себе, да си даваш мотив дека можеш да ја постигнеш целта и никако да не се откажуваш. Ако имаш цел, ќе се бориш, ако се бориш ќе имаш и успех. Оттаму и мотото ‘Биди своја’ да си се прифатиме себеси, а не да прифаќаме што другите очекуваат од нас”, рече Маја Атанасовска, претседател на Спортското здружение ,,Бори се за целта” и организатор на првата женска тура во Битола.

Во трката учествуваа 250 учеснички од 5 до 76 годишна возраст, а беа вклучени и лица со попреченост. (Фото: СДК.МК)
Судија беше Вера Вељановска, поранешна шампионка во трчање на кратки патеки, чии рекорди до денес во Македонија никој не ги надминал.
,,Порано немаше вакви атлетски манифестации со вклучување на повозрасна категорија жени. За пример е да се трча на 75 години. Треба да се работи повеќе на женската атлетика. За да имаме успеси треба да има и услови. Ваквите манифестации делуваат поттикнувачки врз женската популација да спортува”, рече Вељановска.