РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЈОВЕВСКИ ПОБАРАА СЕМЕЈСТВАТА НА ЗАГИНАТИТЕ ВО ПОЖАРОТ ВО МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

0
341

Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово денеска во Скопје одржаа протестен марш поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Протестниот марш почна од пред плоштадот Скендербег и заврши пред зградата на Јавното обвинителство, каде ги залепија транспарентите.Тие побараа разрешување на јавниот обвинител Љубомир Јовевски со другите обвинители Бесир Алиу, Ханефи Амети, Зорица Павловиќ и Дејан Петрески, за кои сметаат дека се инволвирани во прикривање на делото. Побараа и отворање на судска постапка за причините на пожарот и повторно постапување и преиспитување на пресудата од судот во Тетово.

-Тие, денес, не се меѓу нас само заради тоа што не се почитуваа градежни стандарди. Животот на граѓаните во оваа држава е заложник за пазарење и тендери без критериуми и материјална корист, но се докажа дека корупцијата убива во оваа држава. Сите зборуваат за интеграција во ЕУ и владеење на правдата, но во оваа држава не се почитува најсветото човечкиот живот. Од оваа зграда не видовме ниту П од правда. Токму од оваа зграда се уништува перспективата и надежта за достоинствен живот во оваа земја, изјави Мумин Исмаили, роднина на еден од починатите и додаде дека ако не се земат предвид нивните барања, ќе ја сменат формата на мирните протести.

Пожарот во модуларната болница во Тетово се случи на 8 септември 2021 кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени.

На 5 јуни годинава условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност, а болницата во Тетово беше прогласена за виновна за делото предизвикување општа опасност. Судот одлучи да ги ослободи докторот Бобан Вучевски и болницата за делото непостапување по здравствени прописи.