Европратениците од редовите на зелените и социјалдемократите ќе се спротивстават на почетокот на преговорите за визна либерализација за Катарците во ЕУ во понеделник, бидејќи Европскиот парламент реагира на сомнежите за корупција во него во врска со Катар, јави дописникот на МИА. Европскиот парламент од понеделник се состанува во Стразбур, европратениците на оваа сесија требаше да го потврдат отворањето на разговорите меѓу Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ со цел да се финализира текстот за олеснување на визниот режим за патниците од Катар и Кувајт.
„Нулта толеранција за корупција. Зелените ќе се спротивстават на мандатот за почеток на преговори за визна либерализација со Катар во понеделник”, објави копретседавачот на Зелените во Европскиот парламент, Тери Рајнтке на Твитер. Од своја страна, Групата на социјалдемократите повикува на „запирање на работата за сите досиеја и гласови кои се однесуваат на земјите од Заливот, особено за либерализацијата на визите”.
Меѓу уапсените во петокот, покрај грчката социјалистка Ева Каили, се и нејзиниот придружник Франческо Џорџи, пратенички асистент, како и поранешниот социјалистички европратеник од 2004 до 2019 година Пјер-Антонио Панцери. Европратениците имаат прашања и за ставот на парламентарците на Групата на социјалдемократите за време на дебатата и гласањето на 24 ноември минатата година за резолуцијата со која се осудуваат кршењата на човековите права во Катар.
Во хемициклот, Ева Каили процени дека емиратот е „предводник во работните права” и оцени дека Европејците „немаат морално право да му држат предавања”. Пјер Карлескинд (Обнови, либерали) праша зошто социјалистите прво гласаа против самиот принцип на резолуција, пред да спречат, во согласност со десницата (ЕПП) и екстремната десница, усвојувањето на неколку амандмани, вклучително и оние кои го осудуваат ставот на ФИФА кон угнетувањето на правата на ЛГБТ. „Сега се плашам да разберам…”, реагираше во саботата на Твитер овој француски европратеник. „Веќе предупредив во ноември за агресивното лобирање предводено од Катар (…) Ние подобро разбираме зошто”, рече Манон Обри (радикалната левица).