Укинувањето на прогресивниот данок е за 2023 година и тоа не значи дека се откажуваме од овој модел во целост, консултациите ќе продолжат и во иднина, открива премиерот Димитар Ковачевски за МИА. Во интервјуто за МИА, премиерот појаснува дека одлуката за укинување на прогресивниот данок којшто требаше да стапи на сила од 1 јануари е донесена врз основа на бројни анализи и консултации со сите чинители кои покажале дека прогресивниот данок не ги дава бараните резултати како модел.
– Треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10 проценти. Досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја. Во овој контекст да потсетам дека прехранбените фирми кои не поднеле документи, можат да се пријават до 20 декември за субвенционирано снабдување од 1 јануари 2023 година, вели Ковачевски во интервјуто за МИА, најавувајќи дека и во следниот период ќе се следи ситуацијата и соодветно ќе се одговори на секој предизвик.