ПОДМЛАДОЦИТЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ПОКАЖАА ПОЛИТИЧКА ЗРЕЛОСТ СО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ФЕР, СЛОБОДНИ И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ И ПРОТИВ ГОВОР НА ОМРАЗА

0
168

42 подмладоци на политичките партии денес ја потпишаа Декларацијата за слободни, фер и демократски избори и против говор на омраза во организација на Институт Охрид, од Скопје. Со потпишување на Декларацијата, младите политичари се заложија дека ќе се борат против говорот на омраза и негово отстранување на социјалните мрежи и секојдневниот живот. Истовремено, младите политичари го искажаа својот став во насока на поддршка за фер, слободни и демократски избори. Беа испратени пораки за предизборен фер плеј, како и апел за младите да бидат повеќе во фокусот на изборите, медиумите и општеството.

„Партиските подмладоци се многу важен сегмент во организирањето и имплементирањето на изборите и се од исклучителна важност бидејќи во себе вклучуваат огромен број млади и со своето однесување за време на изборните кампањи директно влијаат врз однесувањето на голем процент на граѓани во државата. Со оглед на тоа дека ова е седмо потпишување на Декларацијата, слободно можам да кажам дека политичките подмладоци од сите партии се и повеќе од свесни за својата општествена одговорност, како и нивната улога во целиот изборен процес“- изјави Билјана Јанева, извршна директорка на Институт Охрид.

Чинот на потпишување на Декларацијата е традиционален настан кој се одржува пред секои избори од 2014 година. Оваа година, свечено обраќање имаше и претседателот на Државната изборна комисија. Александар Даштевски, кој им честиташе на подмладоците за нивната зрелост.

Со потпишувањето на оваа Декларација, младите политичари пренесуваат јасна порака до јавноста дека тие, како идни носители на одлуки, имаат силна волја и одлучност да бидат идни лидери и преку нивното делување да се борат против говорот на омраза, да создадат поинаква политичка култура и да го издигнат политичкиот дијалог на повисоко ниво.  Со денешното присуство тие покажаа дека се движечка и носечка општествена група и дека ќе продолжат со меѓусебната соработка со цел создавање подобри услови за сите млади во државата.
Институтот Охрид ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.