„Поминуваме низ еден период кој од нас бара послушност и воздржување. Појавата на корона вирусот во светот, а воедно и во нашава земја, нè натера да внимаваме и на нашето и на здравјето на нашите ближни. Затоа, да се придржуваме по советите и мерките изречени од надлежните институции, и сите заедно да придонесеме да се намали и спречи ширењето на заразата. На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест,“ вели меѓудругото во посланието г.г. Стефан.
Тој упати апел верниците да се молат за медицинските лица, полицијата и војската кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата.
„Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Да се молиме Бог да ни ги прости нашите гревови и да нè помилува, зашто само Бог ни е прибежиште и сила, и докажан помошник во неволја. Затоа, во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани, зашто воскреснатиот господ е нашата надеж. Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Искушенијата што нè снајдоа нека ни бидат за утврдување во верата и за духовно напредување. Сè е возможно за оние што веруваат, зашто господ знае како да ги избавува побожните од искушенија,“ се додава во посланието.