ПЛУС ЕДНА ПЛАТА – НАГРАДА ЗА ХРАБРИТЕ ВОЈНИЦИ : СВЕЧЕН ПРЕЧЕК ЗА ХЕРОИТЕ ОД АРМ

0
487

Тука сме да си помагаме и ќе си помагаме затоа што нашето пријателсто трае со векови наназат, порача денеска претседателот Стево Пендаровски кој присуствуваше на настан во касарната „Илинден“ во Скопје во чест на припадниците на специјалните сили на Армијата на Македонија кои учествуваа во хуманитарната спасувачка операција по катастрофалниот земјотрес во Република Турција.

Армиски тим за заштита и спасување од Баталјонот за специјални сили го сочинуваат и водачи и кучиња обучени за трагање, кои беа ангажирани во Кахраманмараш. На настанот припадниците на Армијата споделија дел од своите искуства во извршувањето на задачите.

Тимот беше ангажиран во пребарување на теренот, пронаоѓање и извлекување на евентуално преживеани лица.

Својата подготвеност и пожртвуваност во давањето помош македонскиот армиски тим ја покажа и со успешната акција на извлекување на 5-годишно дете од под урнатините.

Претседателот Пендаровски им честиташе на армиските припадници за пожртвуваноста и покажаната професионалност и вложените надчовечки напори, истакнувајќи дека ангажманот на лице место беше во ранг на најпрофесионалните достигнувања што може да се очекуваат.

– Македонскиот народ, сите македонски граѓани и помогнаа на Турција и ќе и помагаат и во иднина во било каква ситуација не затоа што сме членка на НАТО и сме формални сојузници, туку затоа што нашето пријателство, пријателството меѓу нашите народи трае со векови наназад и ќе трае со векови нанапред, така што сакам да ги уверам сите турски граѓани преку нивниот амбасадор тука и преку јавноста дека сме помагале и ќе помагаме – рече претседателот Пендаровски.