ЧЕТИРИ ГОДИНИ СО НЕСПОСОБНА ВЛАСТ И НЕСПОСОБНИОТ ЗОРАН ЗАЕВ

0
751
4 ГОДИНИ СО НЕСПОСОБНА ВЛАСТ

Како успеаја неспособниве предводени од Зоран Заев за 4 години да ја претворат во темен вилајет оваа златна библиска земја, која беше четврта економија во Европа, во која течеше мед и млеко а младите ја напуштаа само поради невозвратена љубов?
Се обиде Мицкоски да ви каже математички прецизно драги мои припадници на „критичката“ јавност. Но, еве, дозволете ми и мене да додадам некои аргументи во прилог на таа неспособност, што владее со земјава и сите нас еве веќе 4 години.

Замислете драги мои, неспособниве истераа уставни измени, и Македонија, додуша со придавка „Северна“ во името, е сега полноправна членка на НАТО. Толку беа неспособни, што го решија тридеценискиот спор со Грција, го сочуваа именувањето и идентитетот на македонскиот народ и македонскиот јазик, употребата на придавката македонски, кратенката/кодовите МК и МКД. Какви шутраци!

Ај што ја внесоа земјата во НАТО, туку истераа 3 избори и еден референдум без местенки, крадења гласови, пиштење вриштење, фаќање за уши, за врат! Ни да удрат, ни да викнат. Како после човек да ги рачуна за способна власт, без некој како Протоѓер, Ставрески, Јанакиески и компанијата?!

Туку, остај НАТО и избори. Фатија да зголемуваат плати! Зголемија просечна плата, минимална плата, плати во образование, во здравство, во индустрија, зголемија субвенции за земјоделци…Се тоа, наместо да гушат штрајкови и протести и да спроведуваат политички прогони. Какви токмаци!
И, не само што зголемија плати, неспособниве ја зголемија и социјалната помош, и не ја даваат само на оние што гласаат за нив, туку на сите!

Па, зедоа го решија проблемот на стечајците, укинаа радиодифузна такса, па измислија некаква игра со мобилните да им враќаат ДДВ на граѓаните, еј! И не само тоа, дури и на време им враќаат ДДВ на фирмите, наместо да ги забораваат со месеци и да ги гонат со инспекции тие што бараат поврат на данокот! Па каде го има тоа?!
За тоа ли се боревме?! Излегувавме на улица за да се договорат со началникот Саше да лежи 20 години затвор?! Или за да ги гледаме Орце, Митко, Гоца и многу други од златното време на државата зад решетки?!

Ех…А се почна со тоа што тргнаа златен обвинител од тефтерче. Па донесоа закон за обвинителство со кој живеат предметите на СЈО! И наместо функционерите да се безгрешни како во времето на избеганиот во Будимпешта, сега, замислете, за злоупотреби и одговараат и високи актуелни функционери, фрштат притвори, оставки! Зарем тоа би си го дозволила една способна власт?!

И, наместо да ги ослободуваат криминалците, замислете, неспособниве фатија да ја ослободуваат јавноста и медиумите! Наместо страв и молк, овие секој може слободно си ги критикува. Наместо затворање медиуми и новинари, овие им одговараат на сите и им даваат документи?! И, наместо да им ја купуваат послушноста со пари за готови реклами и пропаганда, овие земале ги молат новинарите и медиумите да и дозволат на државата да оформи фонд за продукција што нема да го контролира таа, туку медиумите и стручњаците од фелата!? Ајде мери им го умот!

Остај тоа, туку земале се фатиле за таа транспарентност како пијан за плот. Наместо да кријат, тие ги објавуваат сите трансакции и исплати, документи и одлуки, одговараат на новинарски барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, објавуваат резултати од конкурси и доделени средства?! Наместо златното време кога се јадеа муфлони, бизони и бифтеци, сега на министри им бројат кафиња и води?! Па кај се видело тоа?! Ех, кога беше власта способна, за да дојдеш до јавен податок ти требаше или да си курир, или магионичар!

И не само тоа, функционерите, наместо да бидат недостапни како што ги личи, одговараат на сите новинарски прашања, немаат тематски пресови, сите медиуми имаат пристап до нив, најавуваат настани не само на „одбрани“ медиуми, па портпаролите им се постојано достапни на телефон и одговараат на сите прашања од медиумите? Каде бе вака?!

И, ајде што одговараат, туку, замислете, власта ја слуша критиката, признава грешки, знае да се извини, да ги поправи пропустите! Наместо да бидат безгрешни и достоинствени, како Груевски или Диме Спасов, на пример!

Посебна приказна е нивната неспособност во однос на граѓанскиот сектор. Наместо да продолжат со „десоросоизација“, да ги гонат со години невладините фолиранти со инспекции, да ги тепаат по улици, да ги спружуваат кај куририте… овие земале да ги третираат како партнери?! Па ги викаат учествуваат со свои иницијативи, да бидат дел од работни групи за законски решенија, им ги прифаќаат забелешките, им одат на настани, наместо да ги игнорираат и шиканираат!

Типичен пример за неспособноста е и грижата за животната средина. Наместо да сечат дрва, овие зголемуваат паркови и садат. Наместо да ни увезуваат ѓубре, овие прават фотоволтаици, менуваат греење кај јавни објекти, наместо да ги бркаат луѓето од парно да се греат на дрва и сешто, овие дадоа илјадници инвертери, купуваат еко-автобуси, наместо повеќе за колите овие шират велосипедски патеки, ги размрдаа инспекциите, собраа тони отпад…Аматери!

Би можел да ви реди Младиќот уште многу за неспособноста на сегашната власт. Еве, во културата на пример. Донесоа и го ставија во функција колективниот договор, наместо да ги третираат културните работници како „даватели на јавни услуги“ и да ги акаат на контрапротести за фалба на власта. Наместо да градат нов барок, они фатиле ќе го заштитуваат Курбиново и Аквадуктот. Наместо етно-националистичкиот криминален концепт на стиропор-култура, фатиле ќе ги почитуваат културните вредности на сите заедници.

Да не одам понатаму, драги мои. Која и област да земеш, неспособност до неспособност, аматеризам до аматеризам. Ме чуди само зошто трпи толку многу оваа способна јавност и библиски народ, кои само пред неколку години уживаа во плодовите на една успешна и способна власт, со која ни течеше мед и млеко и бевме четврта економија во Европа, а младите се отселуваа само поради разочарување за невозвратена љубов?! 🤔
Фејсбук статус на Петрит Сарачини.