Јованоски: Мерките на Општинскиот кризен штаб успешно се имплементираат, полицискиот час помина во најдобар ред

0
1021

„Општинскиот штаб за управување со кризи е во постојано заседавање и континуирано ја следи имплементацијата на донесените мерки. Можеме да кажеме дека во најголем дел мерките се спроведуваат. Исто така, за време на полицискиот час, не се забележани никакви прекршување на редот или било какви други инциденти“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, оценувајќи ја состојбата во градот пред, и за време на полицискиот час.

„ОВР Прилеп имаше 6 пунктови во градот, како и повеќе патролни единици, кои констатираа дека полицискиот час помина во најдобар ред. Исто така, сакам да кажам дека Општина Прилеп прави напори да ги задоволи побарувањата за заштитни маски. До овој момент имаме поделено 9.500 маски. На располагање имаме уште неколку илјади маски, а општествено одговорните компании од нашиот град и натаму работат на изработка на нови количини кои ќе им бидат донирани на институциите и граѓаните од Прилеп. На нашиот апел упатен до компаниите за донирање социјални пакети позитивно одговорија неколку фирми, кои ги упативме во Општинската организација на Црвениот крст, од каде ќе се врши распределба на пакетите. Во постојана комуникација сме и со Регионалната канцеларија на Стопанската комора, кои ќе помогнат во набавка на средства за дезинфекција“, истакна Јованоски.

Градоначалникот Јованоски потенцираше дека од едно лице од Прилеп е земен материјал, односно брис, кој е испратен на испитување во Институтот за јавно здравје во Скопје. Во самоизолација се наоѓа 161 лице, а заради непостапување според здравствените прописи, поднесена е уште една, осма по ред кривична пријава. Истовремено, градоначалникот уште еднаш искажа благодарност до прилепските компании кои произведуваат и донираат заштитни маски, по што Прилеп стана препознатлив во целата држава.

Упатувајќи уште еден апел до своите сограѓани за почитување на мерките на Владата, МВР и Министерството за здравство, градоначалникот Јованоски напомена дека од денеска во Прилеп, преку матичните лекари, ќе се земаат по 7 примероци на брис од сомнителни случаи, кои ќе бидат испраќани на испитување во Институтот за јавно здравје во Скопје.

Ирена Јакимоска, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп при Стопанската комора и сопственик на компанијата „Комфи Ангел“, ја истакна соработката со Општинскиот штаб за управување со кризи и рече дека членките на Регионалната комора ќе продолжат со донирање средства за одржување на хигиената, како и со друга материјална помош за најзагрозените категории на граѓани.

Јакимоска изјави дека во овој момент, компанијата „Комфи Ангел“ има капацитет за производство на 200.000 парчиња заштитни маски.

„Ова се маски кои се рачно изработени, не се сертифицирани и се од материјал кој што во моментов го имаме на лагер и кој во истиов момент го користиме и за изработка на скафандери. Во фирмата донесовме одлука за преструктуирање на дел од производството, кое ќе се фокусира на потребите на здравствените институции од нашата земја, а доколку постои простор, би помогнале и на медицинските лица од регионот“, напомена Јакимоска.

Сопственичката на „Комфи Ангел“ потенцираше дека компанијата инвестирала во набавка на нова машина за автоматизирано производство на маски, која ќе овозможи повеќекратно зголемување на производството на заштитни маски, од кои еден дел ќе бидат донирани, а другите ќе бидат наменети за комерцијални цели.