Адвокатите на Заев побараа изземање на обвинителот за случајот „Поткуп“ – Јавниот обвинител Милошевски е дел од злосторничко здружување во врска со објавените снимки на „Јутјуб“

0
1488

Судењето за случајот „Поткуп“ не почна затоа што адвокатите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, побараа изземање на јавниот обвинител Владимир Милошевски бидејќи против него СЈО води истрага за неколку кривични дела, пренесува „Мета“.

Како што наведе еден од адвокатите на Заев, Јаким Наумов, јавниот обвинител Милошевски е дел од злосторничко здружување во врска со објавените снимки на „Јутјуб“ од посебните истражни мерки со кои, како што рече, Заев бил медиумски суден пред целата јавност.

– Обврската на јавниот обвинител е да испита како снимките се нашле на социјалните мрежи. Според законот за кривична постапка, јавниот обвинител е единствениот кој ја има снимката и одговара за тоа што значи службена тајна, како и судијата на претходна постапка кој ја има објавената снимка. Тие ја поседувале таа снимка и ако имаме владеење на правото, тие треба да носат одговорност за тоа што го направиле, по претпоставка дека ја дале снимката или за тоа што не спровеле истрага и не ја симнале снимката од социјалните мрежи. Затоа граѓанинот Зоран Заев и неговото семејство беа изложени на тортура од медиумите кои ја објавија снимката – рече Наумов.

Според одбраната, Милошевски се товари и за злоупотреба на ПИ-мерки, за недоставување на списите за преземените ПИ-мерки до одбраната, која повеќепати ги барала овие документи.

До Судечкиот совет, со кој претседава судијката Билјана Груевска-Илиевска, се обрати и обвинетиот Зоран Заев, кој исто така истакна дека има сериозни индиции дека обвинителот Милошевски е вмешан во злосторничко здружување и дека го злоупотребува Јавното обвинителство за политички цели.

– Јавниот обвинител е должен да ги чува ПИ-мерките и никој друг. Има исто така индиции за антидатирање на наредбата за мое прислушување, криење на моето име и презиме при издавање на наредбата. Јас поседувам, а сега СЈО поседува разговори за мое телефонско прислушување надвор од обвинителниот акт и наредбата за ПИ-мерки во обвинителниот акт. Јавниот обвинител е носител на истраги против мене и други лица во Струмица, кои се отворени во предвечерието на изборната кампања, а за кои нема информации за нивниот исход. Јавниот обвинител води истрага и против началникот на СВР Куманово, кој е поставен врз основа на политички договор за техничка влада, на кој јас сум еден од потписниците. Тој има и други постапки против високи претставници на опозицијата, а не знам дека тој во својата кариера водел постапки против функционери на власта – рече Заев.

Инаку, како што беше посочено од адвокатите на одбраната, осмничени во истрагата што ја води СЈО се и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Драган Павловиќ-Латас и други лица.

Судијката Груевска-Илиевска даде пауза од два часа за да може Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција да се изјасни по барањето на адвокатите за изземање.

Доколку во наредните два часа од обвинителство не стигне известување за барањето, тоа има рок од најмногу три дена да се произнесе по него.