ПЕТРОВСКА И СПАСОВСКИ : БЕЗБЕДНОСТА НА ДРЖАВАТА И ГРАЃАНИТЕ Е НАШ ПРВ ПРИОРИТЕТ, АРМИЈАТА И ПОЛИЦИЈАТА СЕ РАЗВИВААТ, А ЕВРОПСКАТА ИНТЕГРАЦИЈА ОСТАНУВА КЛУЧНА ВО РАЗВОЈОТ НА ДРЖАВАТА

0
187
Почитувани,

Развојот и модернизацијата на Армијата, трансформацијата на полицијата како и европската интеграција на земјата која е и клучно безбедносно прашање беа темите на кои на денешниот втор ден од годишната конференција „Година на европски можности“ во вториот панел „Република Северна Македонија – безбедна членка на НАТО со европска иднина“, дискутираа министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На панел-дискусијата свои излагања имаа и поранешниот началник на Генералштабот, генералот во пензија Мирослав Стојановски, поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин и политичкиот аналитичар Сефер Селими.

Министерката за одбрана Петровска истакна дека членството во НАТО дојде во вистинско време и дека за тоа беше потребна храброст и донесување на вистинска државничка одлука.

„Ниту една одлука, ниту еден процес не може да биде завршен ако не се донесат вистински одлуки во вистинско време. Одлуката за нашето зачленување во Алијансата, односно она што во 2018 година значеше потпишување на Преспанскиот договор, а потоа и уставните измените кои следеа, се покажа како вистинска, мудра одлука, во вистинско време, со којашто всушност се обезбеди иднината на нашата држава. Со оглед на тоа каква беше атмосферата во февруари 2022 година и прашањата кои беа поставувани од јавноста дали државата е безбедна, граѓаните полека, но сигурно го сфаќаат значењето во воена, но и во политичка смисла што значи да се биде земја членка на НАТО Алијансата. Како министер за одбрана, на тоа прашање можев да одговорам дека Република Северна Македонија е безбедна од аспект на конвенционални закани, затоа што е земја членка на Алијансата“, рече Петровска.

Министерката се осврна на растот на одбранбениот буџет кој годинава изнесува 2,05% од бруто-домашниот производ, како и на процесот на модернизација на Армијата кој е поддржан од речиси една третина од одбранбениот буџет за 2024 година. Освен инвестирањето во одбраната и новата и модерна опрема, Министерството е посветено и на растот на стандардот на припадниците на Армијата и службениците во одбраната, рече Петровска. Додаде дека придобивките од членството со НАТО се видливи и во делот на економијата, преку отворањето на можноста за македонските компании кои сега имаат пристап до НАТО – пазарот.

На прашањето зошто европската интеграција е безбедносно прашање, министерката Петровска се осврна на фактот дека европската интеграција е стратешки приоритет на земјите од регионот и дека е прашање околу кое сите земји се обединети.

„Европската интеграција на земјите од регионот е точка на поврзување на сите земји од регионот. Имајќи го предвид минатото и што сè се случуваше на Балканот, токму помеѓу сите земји од регионот, европската интеграција денес е прашање околу кое сите ние се обединуваме, без оглед на различностите и разликите кои постојат, внатре во државата, меѓутоа и во државите во регионот“, заклучи Петровска.

На прашањето на модераторката Слободанка Јовановска, што ќе се случи ако после изборите не пројдат уставните измени, министерката Петровска истакна дека ќе се репризира 11-годишната изолација кога не беа приоритети осовременувањето на Армијата и полицијата, туку жалните врби во Вардар и гипс-картоните.

„Уставните измени треба да поминат. Јас уставните измени не ги гледам како диктат, тие овој пат не се воопшто политички тешки како што беше промената на уставното име, бидејќи сега зборуваме за континуитет, за тоа што веќе во Уставот го има, каде додаваме уште неколку покрај останатите припадници на делови на народи кои живеат во нашата држава“, рече министерката и уште еднаш потенцираше дека уставните измени ги гледа како волја да се продолжи процесот на европска интеграција.

Петровска рече дека бенефитите од европската интеграција се многу поголеми од отстапките кои голем дел од земјите членки ги направиле во текот на интеграцијата и ги повика сите политички партии пред изборите да кажат кој е нивниот план со точни чекори што ќе бидат преземени во овој контекст.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски се осврна на развојот на полицијата во изминатиот период кои имаат за цел создавање на мотивирана полиција која ја гарантира безбедноста на граѓаните.

„Со реформските процеси на оперативно рамниште 2023 година ја завршуваме со завидна бројка од 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти, со инвестирани 17 милиони евра, но отпочнат е реконструкциски зафат на Управните служби во МТВ, како и основни подготовки за отпочнување на активности во Центарот за обука во Идризово. Покрај реконструкциите, годинава можеме да се пофалиме и со два нови објекти, по веќе функционалниот ИКТ Центар во Прилеп, а тоа се –  најсовремената Форензичка лабораторија на Балканот, во рамки на  Одделот за форензички испитувања и новата Полициската станица Аеродром, чија изградба од темел ја отпочнавме.

По издвоените 13 милиони евра со кои во изминативе години се набавија униформи, чевли и опрема за сите организациони единици во МВР со 35% зголемени плати со преку петте покачувања на платата за сите, но и 4 дополнителни покачувања за одредени категории работни места, како и 6 редовно исплатени бонус плати, со една единствена цел – создавање задоволна и мотивирана полиција која ја гарантира безбедноста на граѓаните“, потенцираше министерот Спасовски.

Во однос на соработката на МВР со меѓународните партнери и агенции, Спасовски посочи на Извештајот на Европската комисија во делот на Поглавјето 24 каде е нотиран напредокот во управувањето со миграциските текови.

„Токму напредокот во управувањето со миграциските текови беше нотиран и во Извештајот за напредокот на ЕК, во делот на Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност, чиј носител е МВР, како и усогласеноста на правната рамка за миграција со стандардите на ЕУ. На мое задоволство во него е забележан и напредок во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, потоа континуитет во добрата оперативна соработка во борбата против организираниот криминал со земјите-членки на ЕУ, соседните земји кои не се членки на ЕУ, Европол и Европравда, како и позитивен тренд во спречувањето на трговијата со дрога.

Министерството за внатрешни работи е со целосна поврзаност во европските текови на размена на информации со со европските безбедносни агенции и соработка во борбата со транснационалниот криминал во остварување на безбедноста на своите граѓани што е предуслов за обезбедување на просперитет и напредок за сите. И 2024 ќе продолжи да биде година на Европски можности“, дециден беше министерот Спасовски.

Генералот Стојановски во своето излагање направи ретроспектива на развојот на Армијата од нејзиното основање во 1992 година, при што истакна дека забрзаниот развој на Армијата започнува од 1995 година кога земјата се приклучи на програмата на НАТО, Партнерство за мир. Генералот Стојановски посочи дека последните неколку години беше направено многу во доменот на стандардот на вработените што се рефлектираше и на интересот за воената професија. Поранешниот началник на Генералштабот ги наброи клучните придобивки за државата од членството во НАТО, стратешка цел на која во претходните години интензивно работеа исклучителни професионалци во Министерството и Армијата.

Професорот Нано Ружин како експерт и поранешен амбасадор на НАТО ги потенцираше и посетата на министерот Спасовски на САД и потпишувањето на десетгодишниот патоказ за воена соработка меѓу САД и Северна Македонија, како унапредување на стратешкото партнерство со САД кое е бенефит за нашата држава веќе 30 години и кое продолжува да се продлабочува и да расте.

Аналитичарот Селими истакна дека во последните години довербата на граѓаните во полицијата расте, и порача дека граѓаните отсекогаш имале значајна доверба во припадниците на Армијата зашто тие секогаш биле првите на терен кои им помагаат при секаква потреба. Селими истакна дека ова меѓу другото се должи и на подобрената соработка на безбедносните институции со невладините организации, медиумите и јавниот сектор која е од витално значење за постоењето на една функционална демократија.