НОВА: Груевски – од боксер во лесна, до автократ во тешка категорија

0
1244

Да се направи портрет за Никола Груевски, актуелниот премиер од 2006 г.и лидер на ВМРО ДПМНЕ од 2003 г., не е нималку лесна работа, иако податоци има премногу, вклучувајќи ги тука и аудио снимките од прислушкуваните разговори што ги објавува опозицијата. Тоа е така, зашто станува збор за комплексна личност, во која се наоѓаат не едно појавно и друго скриено лице, туку повеќе „алтер егоа“ на ликот Никола кој секој може да го цени според јавно кажаното од него. Помладите генерации, речиси и не знаат дека овој денешен политичар од тешка (автократска) категорија, во младоста почнал како боксер во лесна, а тие вештини ги има промовирано и на „штиците што живот значат“, пишува во портретот за Никола Груевски објавен на порталот НОВА.

gruevski9-540x296

Само со дефиницијата на таква комплексност на ликот во чија внатрешност царуваат повеќе лица, може да се протолкува синусоидата на успехот, стагнацијата и надолната линија на кариерата на овој лик, кои би биле јасно видливи на еден дијаграм што би се распослал на период од 1999 до 2015 година.

Столбовите на моќта на Груевски

Од анализа на јавни извори и податоци, можат да се изведат заклучоци кои се на ниво на факти или на разумно, логично оправдано верување дека се факти, поврзани со 14 годишното активно дејствување на Груевски во политиката. А со тоа е можно и да се даде приближно сто процентна точна слика за столбовите врз кои почива моќта на овој човек.

Една од препораките за влез на Груевски во политиката и негово поврзување со идеологијата на ВМРО ДПМНЕ е неговото семејно потекло по линија на двајцата родители, но особено по мајчина линија. Таткото на Никола, Тало (доктор на науки и професор на факултет), е по потекло од Егејска Македонија и „дете бегалец“, што може да укажува на потеклото на дел од карактеристиките на политиката на Груевски кон прашањето за името и воопшто со опседнатоста со античката историја на Македонија, преточена низ споменици и именувања на разни објекти.

Мајка му Нада (пензиониран медицински работник од средниот персонал – медицинска сестра), е сестра на Јордан Мијалков (прв министер за внатрешни работи кој загина во контроверзна сообраќајна несреќа во близина на Врање во почетокот на деведесетите години), чији синови Сашо и Влатко, се први братучеди и ликови кои се постојано во опкружувањето на Никола на високи државни позиции.

Прв другар на Јордан Мијалков му беше Никола Кљусев, академик, професор и прв премиер во независна Македонија во 1991 година. Тој беше и министер за одбрана со мандат од една година во Владата на Љубчо Георгиевски во 1998 година, во која Груевски беше прво министер за трговија.

Кљусев има зет, професор и поранешен вице гувернер на Народна банка на Македонија, Томе Неновски, кој поради неговата улога во аферата ТАТ, пирамидална штедилница во која „изгореа“ 120 милини гм =60 милиони евра на десетици илјади граѓани во 1997г., на два пати беше осудуван во прва постапка, на три, па на две години затвор. Апелација ги укинуваше пресудите, а Неновски беше само притворен. Професор Неновски е еден од основачите и редовен професор на Американскиот колеџ во Скопје, каде што ректор е Марјан Бојаџиев, долгогодишен директор на пропаднатата Македонска банка, поврзана со партискиот капитал на ВМРО -ДПМНЕ и со продажбата во 1993 година, за која опозицијата изнесе тврдење и прислушкувани разговори, кои покажуваат дека била нелегална и во кеш. Упатени извори пласираат неофицијални сознанија , според кои професор Неновски е еден од поважните советници во позадина на Груевски и луѓето околу него кога станува збор за државните или приватни финансиски операции.

Груевски е во кумски врски со Зоран Ставревски, долгогодишен министер за финансии во владата. Ставревски, иако е ставен во многу незгодна позиција поради оговарање на неговиот шеф, Груевски и тоа токму за политиките што ги води Владата, а што можеше да се посведочи преку прислушкуваните телефонски разговори што ги објавува опозицијата, се уште е министер за финансии и се појавува до Груевски на сите поважни настани…
Овие пасуси ни се чинат доволни за да се извлече првиот столб врз кој почива моќта на Груевски – непотизмот. На сите поважни раководни места тој поставува или блиски луѓе до него по роднинска линија или пак луѓе за кои низ годините оценил дека му се лојални…А во суштината на непотизмот, секогаш лежи, всушност, недовербата.

Вториот столб се парите. Груевски очигледно е свесен за моќта на парите и тоа се гледа преку желбата да се заработат што повеќе и за себе и за партијата, а не може да се исклучи, и за државата, која сепак се чини е на последно место. Аферите во кои директно или индиректно е поврзан, без оглед дали се судски докажани или не (зашто е познато како функционира правосудниот систем во Македонија), индицираат за таа љубов кон материјалното и за филозофијата „deal oriented“.

Контролата и цврстата рака, се третиот столб врз кој почива моќта и траењето на Груевски. Тука се подразбира најважни се контролата во партијата (лично се вплеткува во избор на најситни партиски функции), контролата врз законодавниот дом, контролата врз полицијата, контролата врз правосудството и конечно, контролата врз јавноста, преку контролата на медиумскиот простор. За владеењето со цврста рака и контролата врз сите овие сегменти има и премногу докази.

Единството и моќта на групата – Груевски верува дека кога се настапува единствено, без спротивставени мислења и во група, ефектот е најголем. Впрочем, ретки се приликите кога тој е сам и сам настапува некаде. Од изјави за нови реформски потези на Владата, каде задолжително ја постројува цела или дел од владата зад него, до говори на политички митинзи и слично. Тоа е четвртиот е столб, кој во 2015 полека му се урива пред очи, но се уште со крајни напори покажува дека има моќ да го држи во добра кондиција.

***

На почетокот на портретот беше потенцирано дека Груевски е повеќеслојна личност и дека постојано се преплетуваат неговите алтер егоа. Во него има од се по малку, но едно сигурно не. Тој не е изворен претставник на идеологијата на историското ВМРО, ниту има некаква врска со она што тој денес го претставува како нејзин континуитет.

Идеалот на најголемите револуционери и водачи на ВМРО од нејзиното формирање како ТМРО, преку Делчев, Тодор Александров, па ако сакате и Ванчо Михајлов, до се уште преостанатите живи жртви на социјализмот кои биле затворани и прогонувани за идеалите на ВМРО, бил слобода. Слободна Македонија со слободни луѓе во нејзе.
Македонија денес е неслободна земја со неслободни и несреќни луѓе, земја во која демократијата во нејзиниот оригинален облик на разбирање и практикување, е мислена именка. Груевски можеби е многу нешта и се разбира во повеќе работи, но тој очигледно нема поим што значи слободата на луѓето и што значи демократија.

Но, уште нешто. Груевски е само еден во низа од ликовите во феноменот наречен „деца во политиката“ во Македонија. Тој со својата младост, исто како и ликовите Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, се покажа недораснат за она што му беше дадено во рака – Македонија и нејзината иднина. Што, само тера на јавно прашање, дали феноменот „деца во политиката“ е случаен или искреиран и дали наброените ликови, вклучувајќи го и Груевски, се само нечии кукли, раководени од некој помоќен зад нив?

Целиот профил за Никола Груевски од Теофил Блажевски прочитајте го тука.