ОПШТИНА ПРИЛЕП : 22 ГОДИШНИНАТА ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА 10-ТЕ ПРИЛЕПСКИ БРАНИТЕЛИ КАЈ КАРПАЛАК

0
544

Со положување цвеќе пред спомен-плочата во месноста Карпалак и во комплексот „Карпалак“ во Прилеп денеска беше одбележана 22 годишнината   од загинувањето на 10–те бранители на Карпалак во 2001 година.

Бројни делегации: владини, од кабинетот на претседателот на државата, собраниски, општински, делегации од институции, претставници на семејствата на бранителите, политички партии, здруженија и граѓани  положија свежо цвеќе на  спомен обележјето во центарот на Прилеп, кое во чест на бранителите го носи името „Прилепски бранители“ ,  изграден од Општина Прилеп, со цел  никогаш да не се заборават хероите и немилиот настан што во 2001, како што рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески,  „го завија градот во црно“.

„Денеска, и после 22 години, од овој крвав настан, колку и да сакаме, колку и да се трудиме, во овие заеднички мигови на тага и сеќавање, никој од нас  не може  да ја оттргне болката за загубените животи на:  Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски, Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, кои, загинаа во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Прилеп и прилепчани со големо достоинство, гордост и почит, чествуваат во името на нивната храброст и херојство. И, стоејќи тука пред нивниот споменик, именуван како „Прилепски Бранители“ даваме завет како Македонци, дека ќе го чуваме нивниот спомен, дека ќе ја чуваме оваа наша земја македонска и дека нема да дозволиме повеќе да има човечки жртви, понижувања и војни, туку разбирање, почитување и решавање на конфликите преку дијалог.

Верувам дека сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф. Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Карпалак ќе боли засекогаш, но ќе остане вечен спомен кој ќе потсетува на храбрите македонски синови кои за својата земја го дадоа највредното, нивниот живот. Уште еднаш слава им на нашите прилепчани, на нашите големи македонци, браќа, другари и пријатели, кои што борејќи се храбро, го загубија својот живот, но нивното дело за Македонија ќе остане вечно запаметено„ – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески во своето обрајќање.

Настанот се случи на 8-ми Август 2001 година, околу 10 часот, кога конвојот на АРМ, во кој беа 100-тина прилепски резервисти беше кукавички нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило во кое беа 8 војници и двајца офицери ,сите од прилепскиот резервен состав кои утрото тргнаа кон Тетово, да ја бранат татковината.

При тој напад, загинаа Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39), Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26), сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово,  и Пеце Секулоски (29) од прилепско Бело Поле.

Во рамките на чествувањето 22 години од загинувањето на 10-тe прилепски резервисти, вчера делегации од Владата, семејствата на загинатите, преживеаните бранители во конфликот, општинскиот совет  и градоначалникот на Прилеп и претставници од  АРМ, положија цвеќиња пред споменикот  во кругот на касарната „Мирче Ацев“, како и пред спомен плочата на загинатите бранители во селото Лениште.