ОПОЗИЦИЈАТА ОБВИНУВА ЗА НАБАВКА НА 2 МИЛИОНИ ЕВРА ВРЕДНИ ВЛАДИНИ ЛИМУЗИНИ, ВЛАДАТА ОДГОВАРА НА КРИТИКИТЕ: Заштедуваме до 700 евра со новите возила, се работи за безбедност а не за луксуз!

0
1421

Додека Зоран Заев, на големо ги распродава државните и националните интереси, криминалниот картел расипнички се расфрла со парите на граѓаните. На сметките на фирми кои се блиски до СДСМ, легнуваат милионски суми пари на граѓаните, а функционерите се натпреваруваат кој ќе се вози во полуксузна лимузина, ова денеска на пресконференција го потенцираше Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Зоран Заев во неколку наврати ја лажеше јавноста дека владата на СДСМ нема да троши пари во луксузирање и непродуктивни трошоци. Еве ја реалноста: Службата за општи и заеднички работи при владата на Република Македонија објави тендер за подновување на возниот парк на министрите и директорите на јавните претпријатија, за кој Заев велеше дека е нерационален. Владата на СДСМ одлучи да потроши околу 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи нови возила, од луксузната линија на Фолксваген, Пасат. Овие документи се објавени на страницата за јавни набавки. Тендерот е распишан во мај годинава, а на него се пријавила само една компанија која е избрана за набавката. Станува збор за 45 возила кои граѓаните ќе ги чинат околу 1,7 милиони евра или секое возило чини околу 40 илјади евра. Инвестицијата на владата на Заев, се најлуксузната верзија на возилата на германската марка фолксфаген – пасат со црно метална боја и со затемнети стакла. Возилата ќе имаат кожен волан што возачот ќе може да го управува со глас. Возилата ќе стартуваат без клуч и самите ќе реагираат ако возачот е уморен. Исто така и функционерот кој ќе седи на задното седиште ќе има посебен сензор за прилагодување на климата додека седиштето ќе се прилагодува на телото на патникот со што ќе гарантира целосна удобност, вели Нелоски.

Тој истакнува дека очигледно е луксузирањето на министрите и директорите на Зоран Заев е многу поважно од обезбедување на бесплатна терапија за лица заболени од ретки болести.

-Имено додека економијата стагнира и е со најниска стапка на раст во регионот и пошироко, министрите на Заев си се наградуваат со луксузни лимузини кои се разбира се купени од пари на граѓаните. Одговорност за трошење на парите на граѓаните за луксузирањето на картелот на власта мора да има. Судството ќе се ослободи од канџите на оваа ненародна и криминална власт. Во име на граѓаните ви порачуваме, поништете го тендерот, а доколку не можете, дадете ги на продажба возилата додека сеуште не се амортизирани. За тие 2 милиони евра ќе им помогнете на многу дечиња или социјални случаи. Народот и Република Македонија ќе победат, вели Нелоски.

Одговор на владата :

За понови возила, без ниту еден дополнителен трошок, државата месечно ќе заштеди повеќе од 700 евра по возило, во споредба со цената на автомобилите набавени во 2015-та и 2012-та година

Потребата од набавка на нови возила (преку оперативен лизинг или деловен закуп) произлегува од фактот што во септември 2018-та истекува 3-годишниот договор за изнајмување моторни возила по пат на оперативен лизинг којшто бил склучен на 09.09.2015 година.

Преку оперативниот лизинг и преку условите на оваа набавка, се намалува висината на месечните рати, се избегнуваат дополнителни трошоци за одржување и се обезбедува сериозна заштеда во буџетот. Имено, сега месечната рата за едно возило е помала за 1200 денари или вкупна заштеда од над 700 евра по возило, во споредба со набавките на возила во 2015 и 2012 година, кога за еден автомобил државата месечно плаќала по 68.738 денари.

Дополнително, со оваа набавка се избегнува каков било дополнителен трошок во врска со одржувањето на возилата. Со месечната рата за лизингот се покриени сите трошоци и државата нема да потроши ниту еден дополнителен денар за зелени картони, за каско осигурување, за издавање полномошно, за промена на гуми и за редовен сервис, трошоци кои се неизбежни за секое возило.

Потенцираме дека постапката за повеќегодишна јавна набавка на 45 возила се одвиваше јавно. Тендерот, на којшто имаа право да се пријават сите заинтересирани автомобилски компании, беше отворен месец и половина. Исто така, по завршување на рокот, фирмите имаа можност во период од 5 дена да поднесуваат приговори и забелешки за целокупната постапка.

Дополнително, истакнуваме дека спецификацијата за возилата којашто беше наведена во тендерот е идентична со спецификацијата во претходните две вакви јавни набавки, во 2015-тата и во 2012-тата година.

Потенцираме дека не станува збор за луксузирање, туку за исполнување на минимум безбедносни стандарди коишто треба да ги има секое возило и кои беа обезбедувани и во претходните години.

Разликата во цената е дотолку поголема, имајќи предвид дека сега се набавуваат возила понови за 3 односно за 6 години, а истите имаат и дополнителна опрема.

Инаку, право на користење на патничко моторно возило меѓу другите имаат и Претседателот на Р.М., Претседателот на Собранието на Р.М., Претседателот на Владата на Р.М., поранешниот Претседател на Владата на Р.М., поранешниот Претседател на Република Македонија, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, замениците на Претседателот на Владата на Р.М. и министрите во Владата на Р.М.

Дел од возилата ќе се користат и за превоз за протоколарни и репрезентативни потреби, како и за извршување на службени работи за министерствата, секретаријатите и другите органи на државна управа.