ALIBABA ЌЕ ПОКРЕНЕ СВОЈ ЧЕТ – БОТ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО СТИЛОТ НА CHATGPT

0
409

Кинескиот технолошки гигант Alibaba го најави доаѓањето на својата вештачка интелигенција во стилот на ChatGPT технологија наречена Tongyi Qianwen.

Alibaba има намера да го интегрира четботот во целиот свој бизнис во блиска иднина, но засега нема детали за временската линија. Во последниве месеци, технолошките компании ширум светот ги претставија своите таканаречени чет-ботови со вештачка интелигенција, а претходно оваа година Alibaba откри дека работи на ривал на ChatGPT.

Името Tongyi Qianwen во превод значи „барање одговори со поставување илјадници прашања“, но Alibaba не објави англиска верзија на името. Сепак, технологијата работи на англиски и кинески и ќе биде додадена во DingTalk, апликацијата за деловна комуникација на Alibaba.

Tongyi Qianwen ќе извршува различни задачи, вклучувајќи конвертирање на разговорите за состаноци во пишани белешки, пишување е-пошта, креирање деловни предлози и слично.

Alibaba ќе ја интегрира технологијата и во Tmall Genie, гласовен асистент сличен на паметниот звучник Alexa на Amazon.

Интересот за овој тип на технологија за вештачка интелигенција се зголеми откако OpenAI го воведе ChatGPT во ноември минатата година. Оваа технологија може да учи од постоечките податоци и да креира содржина, но и да одговара на прашања користејќи „човечки јазик“. Исто така, може да имитира стилови на пишување и да го користи интернетот како што беше во 2021 година како своја база на податоци.

Мајкрософт инвестираше милијарди долари во развојот на оваа технологија, која во февруари стана дел од пребарувачот Bing. Ќе биде интегриран и во Office апликациите како Word, Excel, PowerPoint и Outlook.

Google и кинеската група Baidu исто така најавија свои модели со вештачка интелигенција и воведоа слични чет-ботови.

Сепак, познатите личности од светот на технологијата повикаа на запирање на развојот на моќни системи за вештачка интелигенција бидејќи веруваат дека тие можат да претставуваат опасност за луѓето. Отвореното писмо го потпишаа шефот на Твитер, Илон Маск и ко-основачот на Apple, Стив Возниак, кои тврдат дека трката за развој на системи за вештачка интелигенција е надвор од контрола.

Инвестициската банка Голдман Сакс проценува дека технологијата за вештачка интелигенција може да замени 300 милиони луѓе на нивните работни места.

Италија минатиот месец стана првата западна земја што го блокираше ChatGPT поради загриженоста за приватноста.