ОО СДСМ БИТОЛА – ПАВЛОВСКА : ЈАВНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ НИСКОГРАДБА БИЛО И ВО ВРЕМЕТО НА ВЛАДИМИР ТАЛЕСКИ, А ОСТАНУВА И ДЕНЕС, ВО ВРЕМЕТО НА НЕГОВИОТ ПАРТИСКИ ДРУГАР И НАСЛЕДНИК, ТОНИ КОЊАНОВСКИ – КРАВА МОЛЗНИЦА ЗА ДПМНЕ

0
499

Пресконференција на советничката на Општина Битола од СДСМ, Јадранка Павловска.

Јавното претпријатие Нискоградба било и во времето на Владимир Талески, а останува и денес, во времето на неговиот партиски другар и наследник, Тони Коњановски – крава молзница за ДПМНЕ.

Од документите пратени до советот, јасно и недвосмилено се гледа дека Нискоградба лани работела помалку во споредба со 2021-ва, остварила пониски приходи, а повисоки расходи.

Нискоградба лани имала намалени приходи во споредба со претходната година за 8,8 милиони денари. Тоа значи дека претпријатието не работи со целиот свој капацитет. Тоа значи дека Општина Битола и Тони Коњановски наместо да ја ангажираат Нискоградба и да ја помогнат како свое јавно претпријатие, работите ги даваат на приватни фирми. Еден таков пример е тендерот за гребење на асфалт што Коњановски наместо на Нискоградба, го даде на омилената фирма која не ја вадеше од уста во кампањата.

Во 2022 година, приходите од изградба и реконструкција на канализациона мрежа во Нискоградба се намалени за 32% во споредба со 2021 година. Затоа во Битола нема нови улици. И тие малку што се прават се сокачиња, од по стотина метри, а се прикажуваат како градежен бум на Коњановски.

За разлика од Коњановски, Владата предводена од СДСМ, преку Јавното претпријатие за државни патишта, ја помогна лани Нискоградба со 2 милиони денари повеќе отколку во 2021-ва. Ако не беа овие пари, директорот Зоран Талевски не ќе можеше да врзи крај со крај.

Од друга страна, лани во Нискоградба се зголемиле расходите во споредба со 2021 година.

Најголема разлика се јавува кај агенциските вработувања. За згрижување на своите партиски војници, ДПМНЕ во Нискоградба потрошило над 5,5 милиони денари, односно 45% повеќе од 2021 година. За дневници и службени патувања, директорот потрошил за 30% повеќе од 2021, а за спонзорства, реклами и репрезентации се потрошиле над 2 милиони денари. Оваа ставка е зголемена за 24% во однос на 2021 година.

Само директори од ДПМНЕ можат со вакви катастрофални бројки во работата, да прикажат добивка на крајот од годината. Ама, на Нискоградба и на Коњановски нема да им помогнат алхемичари за да изградат нови улици во Битола. Бројките може да ги штелуваат колку сакаат, но битолчани ја гледаат реалност. Нема проекти, нема реализација. Битола се претвора во паланка.“