Наместо државник, стана автократ

0
1257

Израснал во сиромашен кварт на Истанбул, продавал ѓевреци… денеска е најмоќен човек во Турција. Успешната животна приказна на Ердоган – од уличен продавач за да стане градоначалник, премиер и претседател на државата, е потврда дека постоеле услови за личен напредок во турското општество пред неколку децении откако почнал да ја гради политичката кариера.

Политичкиот успех на Ердоган е типичен показател на радикалните промени во политиката што ги предизвикаа глобализацијата, технологиите за брз пренос на информации и вмрежување на луѓето во мобилизација (изборната кампања на Обама на социјалните мрежи, мобилизацијата на граѓаните во арапската пролет, немирите во Англија пред неколку години…) со што сериозно се разнишаа позициите на старите елити, кои располагаа во најголем дел со ресурсите во општеството, за волја на вистината во голема мера неправедно и на сметка на голем дел граѓани, маргинализирани со години наназад.

Токму ваквите состојби се основата за креирање популистички политики во кои ги користат национализмот како инструмент за заштита на економските интереси, додека религијата пак за зачувување на традиционалните вредности. Ваквите ставови станаа државни политики на Турција, Унгарија, замав земаат во Полска, во нашата држава откако ја раководи ДПМНЕ. Во бројни европските држави голем број опозициски партии со вакви политики добиваат се поголема поддршка, истоветен е случајот со номинацијата на Трамп во САД за претседателски кандидат.

Опишаните околности ќе ги илустрираме преку политичкиот подем на Ердоган. Тој поддршката ја добива од почеток преку политичките пресметки со стариот естаблишмент распореден во бизнисот, судството, високите ешалони на државната администрација, медиумите… Граѓаните добиваат впечаток дека се исправаат неправдите кои постоеле во општеството. Но, не е така, туку во името на битката со претходните елити се создаваат нови, кои стануваат повеќе алчни за трупање богатства и моќ и ја носат државата кон автократија на чело со водачот под чие покровителство безобразно крадат.

Ваквото однесување е резултат во голема мера и на слабите образовни капацитети на новопечените тајкуни, политичари, државни функционери… а успешните се отстрануваат, некои сами заминуваат, како, на пример, Давутоглу, креаторот на надворешната политика на Турција, кој го напушти султанот на 21 век.

Ердоган е типичен пример за политичар, кој наместо поддршката од граѓаните да ја исползува да се издигне во државник, тој  ја злоупотребува за да раководи со државата автократски. Ги повикува граѓаните да излезат на улица за да се пресметуваат со неговите политички противници – постапки што ги правел Хитлер.

Денеска Турција е послаба отколку пред обидот за пуч. Смена преку ноќ на една третина генерали, судии, професори, државни службеници… вакви чистки спроведувал Сталин, кој најспособните офицери поради недоверба во нив,  ги пратил во логори или биле ликвидирани со што ја обезглавил Црвената армија, која неспремно го дочекала нападот од Хитлер, што е причината во голема мера за големите жртви што ги дал тогашниот СССР, а се случуваат првите месеци по нападот.

Курдите ќе бидат следниот најголем непријател на Ердоган, бидејќи режим без непријатели не опстојува долго. Курдскиот народ, кој брои повеќе од 20 милиони жители, поделен во неколку држави, може да ја исползува ситуацијата за да се избори да живее во своја држава, а за таа цел логично е да побараат помош од Запад и од САД.

Истите методи како Ердоган ги практикува и Груевски, кој наместо да се издигнеше во државник, да ја внесе државата во НАТО и во ЕУ, тој да ти се занимавал со тоа како да се збогати, да им се одмаздува на политичките противници, да ја уништува опозицијата, да ги манипулира граѓаните – постапки што ја доведоа државата во криза.

Митко Јованов
Колумната е објавена во Слободен Печат