МИЛИЈАРДЕР, БАНКАР, СИН НА ИНДИСКИОТ БИЛ ГЕЈТС, РИШИ СУНАК Е НОВ БРИТАНСКИ ПРЕМИЕР

0
815

42-годишниот Сунак, чиј татко лекар и мајка фармацевтка емигрирале од Индија во 1960-те, ќе биде првиот премиер од азиско потекло и најмладиот последниве 100 години. (Фото: АП)

Риши Сунак е новиот премиер на Велика Британија, откако денеска е избран за лидер на владејачката Конзервативна партија. Кралот Чарлс Трети сега од него ќе побара да формира влада, а ќе стане премиер со примопредавање на власта од Лиз Трас денеска или утре. Неговата ривалка Пени Мордонт ја повлече кандидатурата непосредно пред гласањето на конзервативните пратенции.

Ексминистерот за финансии Сунак стана премиер седум недели по поразот од Лиз Трас за лидер на Ториевците. Партијата го избра третиот британски премиер оваа година по оставката на Лиз Трас по турбулентниот 45-дневен мандат.

42-годишниот Сунак, чиј татко лекар и мајка фармацевтка емигрирале од Индија во 1960-те, ќе биде првиот британски премиер од азиско потекло, и најмладиот последниве 100 години. Ќе ја преземе функцијата во време кога Обединетото кралство има огромни економски предизвици поради зголемените цени на енергијата и храната и претстојната рецесија. Сунак, кој беше на чело на Министерството за финансии од 2020 до ова лето, поднесе оставка во јули во знак на протест против раководството на Борис Џонсон. Тој ја водеше економијата низ пандемијата на коронавирус, добивајќи пофалби за финансиската поддршка за отпуштените работници и затворените бизниси.

Сега ќе има и политички притисок за предвремени општи избори, како што бараат опозициските партии, а и некои конзервативни пратеници го мислат истото.

По дипломирањето на Универзитетот во Оксфорд, Сунак подоцна замина на Универзитетот Стенфорд каде ја запозна сопругата Акшата Мурти, чиј татко е индискиот милијардер Н. Р. Нарајана Мурти, основач на аутсорсинг гигантот „Инфосис“. Самиот Сунак има работено за инвестициската банка „Голдман Сакс“ и во два инвестициски фонда. Според проценките на „Сандеј тајмс рич лист“, двојката Сунак поседува богатството од околу 730 милиони фунти.