МЕХАНИЗАЦИЈАТА НА „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ ЗА ИЗГРАДБА НА АВТОПАТИТЕ Е НА ПАТ КОН МАКЕДОНИЈА

0
505

Првиот вицепремиер на Владата Артан Груби од Тетово најави дека механизацијата која ќе работи на изградба на автопатиштата предвидени во Коридор 8 е на пат кон државата. Откако на почеток на јуни беше означен почетокот на геомеханичките испитувања на почвата за изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, сега според владините министри ќе се почне и со градежни работи.

„На 12 септември започнуваат градежните активности над село Дебреште, а досега проектирањето оди во одлична форма од страна на конзорциумот ‘Бехтел и Енка’ и кај сите компании коишто се ангажирани. Тие веќе имаат закупено огромен дел од механизацијата којашто е на пат кон нашата земја и веќе како што гледате градежни работи се вршат насекаде, ќе продолжат и со Коридорот 8, со минирање на планината над Дебреште, и на трансфер на цел тој материјал, на новиот автопат Тетово и Гостивар којшто ќе се изгради“, информираше првиот вицепремиер Артан Груби денеска по увидот кој владините функционери го направија по повод обновата на автопатот Скопје-Тетово, исто така дел од Коридор 8.

На новинарско прашање кога ќе може да се очекува завршување на автопатот од Охрид до Кичево, министерот Благој Бочварски е со став дека за сите патишта коишто се почнати ќе се прават максимални напори да се завршат.

„Проблемите се решаваат, се отклонуваат, веќе се тестира третиот слој на асфалт и се започнува со третиот асфалт, се прави избор на заштитната ограда на овој автопат. Сукцесивно, дел по дел ќе се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Пред некој ден се заврши клучката кај аеродромот во Охрид и е пуштена во сообраќај. Од Охрид кон Подмоље ќе почне асфалтирање на третиот слој и продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево“, изјави Бочварски.

Владините функционери информираа дека преку саеми за вработување продолжуваат да се вработуваат работници за изградба на Коридор 8.

„Има огромен интерес и Владата сите тие две илјади работни места да се пополнат од наши граѓани. Платите се многу конкурентни, работните места се најразлични и се надевам дека ќе аплицираат граѓани и ќе ја видат шансата да се стекнат со огромно искуство работејќи за голем конзорциум како што е ‘Бехтел и Енка’“, изјави Груби.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми на дел од Коридор 8 се очекува да се направи и обиколницата за Тетово.

„Очекуваме за две недели да завршат и да имаме избор на градежна фирма за обиколница на Тетово и за надзор на обиколница на Тетово. Ако успееме за овие 10-15 дена да ги избереме и да заврши таа процедура очекуваме во почетокот на октомври да започнеме со градбата на обиколницата Тетово којашто е многу потребна за градот Тетово“, изјави Рустеми.

Воедно, според Рустеми, деновиве ќе почне вонреден режим на сообраќај поради градежни активности за модернизација на двете патарини помеѓу Скопје и Тетово, Глумово и Желино, по што за шест месеци ќе има можност за електронско плаќање.