ГРУЕВСКИ СЕ ОСЛОБОДУВА ОД „ТНТ“ И ОД „ТРАЕКТОРИЈА“ ВЕДНАШ, ОД „ТЕНК” В ГОДИНА, СЕ ЗАПИРААТ И „КИНЕСКИТЕ АВТОБУСИ“ ЗА ЈАНУШЕВ И „ТОПЛИК“ И „ТНТ“ ЗА ЈАНАКИЕСКИ И ДРУГИТЕ

0
1094

Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда урива комплекс „Космос“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”, велат пресметките на поранешни обвинители од СЈО.

Груевски нема да може веднаш да се врати од Будимпешта, ќе треба да почека уште една година, да застари пресудата за влијание врз Гордана Јанкулоска незаконски да набави скап мерцедес за него од парите на полицијата.

Груевски е осуден и во „Насилство во Општина Центар“ и во „Плацеви на Водно“, предмети кои не се засегнати од измените, но бидејќи му се судеше во отсуство, тој може да бара повторување на постапката.

Со измените, каде затворските казни за овие кривични дела значително се менуваат, веднаш се прекинува и кривичното гонење на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев за кинеските автобуси, за што првостепена пресуда треба да има денеска, потоа на Сашо Мијалков во „Тврдина-Таргет”, а најверојатно и во „Трезор” за кои апелационите судии Енвер Беџети и Лирије Елези со чување во фиока се погрижија да помогнат во истекот на време, т.е. во застарувањето.

Натаму, Миле Јанакиески и сообвинетите или другите осудени, се ослободуваат од случаите „Топлик” и „ТНТ”.

Во суд веќе не мора да одат ни пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, ни Љупчо Димовски од Социјалистичка партија, партнерка на ВМРО-ДПМНЕ. Милошоски и татко му на раат ќе си располагаат со општинската зграда за која беа обвинети дека незаконски ја присвоиле за себе.

Се спасуваат и други обвинети и осудени ексфункционери за злоупотреби, бидејќи во нашиот правен систем, секогаш важи поблагиот закон за обвинетите или осудените.

Измените на Кривичниот законик вчера се донесоа со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ.

Но, токму измените на членот 353 кој се однесува на криминалот на функционерите, не е меѓу тие 35 членови.

Со ставот 3 од овој член за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, а со измената казната е намалена на една до пет години затвор.

Ставот 5 кој предвидуваше затворска казна од најмалку пет години ако делото е сторено при вршење јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот на Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, со измените се брише и не постои веќе.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Извор : СДК.МК