ДАНЕЛА, КОЈ Е АРКАН КЕРИМ, ГАЗДАТА НА ЕДНАТА ФИРМА КОЈА САКА ДА ГО ГРАДИ КОЛЕКТОРОТ – ПРАШАЊЕ ОД 160 МИЛИОНИ ЕВРА ОД СОВЕТНИЦИТЕ НА ВМРО ДПМНЕ

0
2561

Откако му се обрати со жестоки зборови Арсовска побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да поднесе оставка од раководството на партијата.

Расправата почна откако советникот Луке Галески од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за советнички прашања во Советот на Град Скопје ја обвини Арсовска за компромитација на проектот за изградба на пречистителната станица во Скопје, проект тежок 160 милиони евра.

– Како што кажа Златко Перински, директорот на „Водовод и канализација“, кој што беше разрешен, тој е жртва на притисок од градоначалничката Арсовска која побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за овој проект. Дека овие тврдења имаат поткрепа тоа е и дописот кој што го држам во рака, и каде што со потпис на Данела Арсовска се бара смена на членовите на Комисијата. Овој допис е испратен на 25.07.2022 година односно пред повеќе од месец и половина, и ако се точни тврдењата дека Перински е тој кој вршел притисок и влијание врз процесот и демонстрирал самоволие како што кажа градоначалничката, тогаш овој документ кој што го држам во рака потврдува дека Вие сте знаеле за тоа, а не сте ги известиле надлежните институции повеќе од месец и половина. Останува неодговорено прашањето зошто сте чекале месец и половина и зошто и покрај јасното тврдење на Европската инвестициона банка која што одговорила негативно за разрешување на членовите, Вие тоа сте го барале – ја праша Галески градоначалничката Арсовска.

Тој рече дека е загрозен проект за кој што Европската инвестициона банка определила огромна сума пари.

– Значи демантот на Арсовска не е само од Перински, не е само од ВМРО-ДПМНЕ туку и од ЕИБ. А, она што исто така привлекува внимание е тоа што градоначалничката во светот на медиумите важи за доста прилично затворена, жена која што има слаба комуникација со новинарите, но затоа истиот ден кога се отвораа понудите во „Водовод и канализација“ , таа имаше мотив да упадне на прес конференцијата. Можеби мотивот зошто тоа направивте лежи во овој лик тука, овој човек се вика Аркан Керим и јавно ја прашувам градоначалничката дали го познава ова лице и дали ова лице има поврзаност со турската компанија со која што медиумите не знам од каде дознале дека е учесник на тендерот 160 милиони евра – ја праша Галески Арсовска.

Тој додаде дека во јавноста излезе дека понудата на турската компанија била 20 милиони евра пониска од останатите.

– Навистина е симптоматично од каде се таквите информации кога понудите сѐ уште не биле отворени. Дали заради ова требаше промена на членовите на Комисија за евалуација? И факт е дека уште двајца други директори си поднесоа оставки – рече Галевски и предупреди дека лицата Ѓорѓи Грковски и Филип Силјановски од Архивата на Градот треба да знаат дека антидатирањето на документи е кривично дело.

Арсовска која задоцни на денешната седница наместо во првиот ред, каде што има почесно место како градоначалничка, седна во последниот ред, кај техничката служба.

По настапот на Галески, Арсовска излезе на говорницата од каде упати остри зборови против ВМРО-ДПМНЕ и пред сè, партискиот лидер Мицкоски.

– Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие – рече Арсовска.

Таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега веќе не е.