МВР : КАТЕГОРИЧНО ГИ ОТФРЛАМЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ КОИ ВО КОНТИНУИТЕТ ГИ ПЛАСИРА ВМРО-ДПМНЕ

0
734
Стоилковски: Директор на БЈБ, Сашо Тасевски, на домашна адреса има непријавена фирма за трговија со компјутерска технологија

Почитувани, денеска ќе претставиме уште еден сокриен семеен бизнис со адреса на избран и именуван владин функционер.

На денешната прес конференција го честитаме најновиот бизнис на директорот на БЈБ Сашо Тасевски, на чијашто адреса од неодамна има регистрирано компанија поврзана за информатичка технологија и компјутери.Очигледно човекот има многу време, па покрај директорувањето со полицијата, со најважниот инструмент за спречување на криминалот и корупцијата, сега семејно ќе водат и бизнис.
На 12 октомври лани, 2022 година на домашна адреса на Сашо Тасевски е регистрирано Друштво за трговија, услуги и производство СМАРТИОТ ДООЕЛ со ограничена одговорност на едно лице, сопственик и управител, синот на Сашо Тасевски. Почитувани Сашо Тасевски е должен да одговори, со што тоа семејно се занимаваат на домашна адреса, со што тргуваат, какви услуги се нудат и што произведуваат? Колкав бизнис е во прашање и кои се клиентите до сега? Дали и колку позицијата директор на БЈБ добро влијае при склопување на зделки на фирмата на неговата домашна адреса?
За блискоста на семејството Тасевски и до сега имало случаи и скандали за кои што на прашањата на прес конференциите останаа неодговорени, од тоа дали Тасевски семејно присуствувале на пукањето од автоматска пушка, до тоа дали Сашо Тасевски го сокрил синот во случајот напад врз полицаец во градски парк?
Не веруваме дека Сашо Тасевски ќе го остави синот да не успее како бизнисмен и дека нема да му помогне во развојот на фирмата на домашна адреса. И како последно прашање за Тасевски денеска е, зошто за основањето на фирмата на домашна адреса не ја известил ДКСК? Тоа му е должност и обврска, а треба да е и пример за другите, особено по аферата “Тајни имоти” за неговите сопартијци!

Почитувани, Сашо Тасевски е директно одговорен за спречување на криминалот и корупцијата на терен, но фактите покажуваат дека  веројатно повеќе се посветувал на развојот на приватниот  бизнис на домашна адреса.Едно е јасно, дека невозможно е Македонија да направи било каков исчекор со овие луѓе, со ДУИ и СДС, и решението се избори што поскоро!

РЕАКЦИЈА НА МВР:

Категорично ги демантираме лагите пласирани од страна на ВМРО ДПМНЕ на денешната прес конференцијата и ги отфрламе како невистинити сите обвинувања на сметка на директорот на Бирото за јавна безбедност за наводно непријавена фирма во ДКСК, чиј сопственик и управител е синот на директорот.

Прво, станува збор за класична дезинформација, без воопшто да се консултира надлежната институција, бидејќи за постоењето на фирмата, која патем не претставува имот на директорот Тасевски, уште во минатата година е поднесена Изјава за интереси, која е официјално евидентирана во документацијата на антикорупционерите. Значи, должноста и обврските се одамна исполнети токму како пример за останатите.

Притоа, ова не е прв случај тенденциозно да се валка името на директорот на БЈБ и неговото семејство, со пласирање на лажни вести. Веќе трет пат во кусо време се измислуваат случки во кои се споменуваат членови на семејството Тасевски, во обид да се руши рејтингот што го имаат во јавноста БЈБ и МВР, кои добија на интензитет по отпочнување на неколкуте оперативни акции во Скопје и во државата за жестока пресметка со криминалот и корупцијата, во кои зад решетки завршија многу криминалци кои претходно беа ‘недопирливи’, што придонесе Македонија да е денес најбезбедна земја на Западен Балкан и на 36. место во светот.

Овие дезинформации од ВМРО ДПМНЕ, со кои има за цел да наштети на угледот на поединци и на институцијата, но и континуирано да ги доведува во заблуда граѓаните на нашата држава, се пласираат токму денеска, кога се објавени резултатите од анкетата спроведена од Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Северна Македонија, во име на  Центарот за анкетни истражувања од Брима, со поддршка од Националната фондација за демократија, според која министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е на врвот на листата од испитаниците за Перформансите на Владата, и тоа  втора последователна година во која анкетите на ИРИ го препознаваат министерот Спасовски како прв меѓу министрите по работните перформанси.

Ваквите резултати од анкетите на граѓаните се мотив повеќе полицијата да продолжи да биде гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, а МВР и понатаму да презема интензивни мерки и активности за санкционирање на прекршителите на законите и со засилено темпо да работи на заштита на законитоста, како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани.