МАРИЧИЌ ЗА „ТЕРА“ : УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ СЕ ОДГОВОРНОСТ НА СИТЕ, НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД ДИЈАЛОГОТ

0
408

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за телевизија Тера изјави дека уставните измени не се работа на еден човек, на една партија, ниту пак на една Влада, напротив дека тие обврска на сите и дека успехот ќе биде заеднички на сите.

– Повторно апелираме да се вклучи ВМРО-ДПМНЕ, не за да кажеме кој променил став, туку за да ја завршиме работата и да ја поделиме одговорноста како што ни е поделена и во Собранието, бидејќи за ова е потребно двотретинско мнозинство и да продолжиме натаму на патот кон ЕУ. Нема да се откажеме од дијалогот, сметаме дека тоа е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност, порача Маричиќ.

Тој смета дека „за целата атмосфера во општеството е добро да го продолжиме дијалогот, затоа што како што посочи Маричиќ „не ни се толку различни позициите колку што се чини можеби во јавноста“, изразувајќи убедување дека граѓаните ќе бидат благодарни доколку уставните измени ги завршат сите партии заедно и дека со тоа во иднина ќе бидат растоварени од натамошни поделби, од натамошни меѓусебни напади и од спуштање на нивото на комуникација.

– Сите видовме дека има поместување од првичните позиции од страна на ВМРО ДПМНЕ и тоа е добро. Веќе не е табу темата за гласање на уставните измени и не треба да се затвора вратата. Ако цела европска и светска јавност ни вели дека сега е вистинскиот момент и ние знаеме што се нашите обврски, вистинското место, вистинското време за отворање на дијалогот е сега, рече Маричиќ укажувајќи дека наскоро ќе ги достават амандманите до Собранието, но дека и таму ќе има можност пратеничката група на опозицијата да учествува во разговорите и да даде поддршка.

Маричиќ во изјавата кажа дека Владата во овој момент ги разгледува онака како што ги состави Министерството за правда и дека се прават серија на консултации, со цел во наредните денови, односно до крајот на овој месец да биде поднесена иницијативата до Собранието.