ТРИФУН КОСТОВСКИ ИМАЛ СКРОМНО ДЕТСТВО : ВО КАФАНА ТАТКО МИ НАРАЧУВАШЕ САМО 16 ЌЕБАПИ ОД КОИ 5 ЗА МАЈКА МИ, 6 ЗА МОЈОТ ПОСТАР БРАТ И ЗА МЕНЕ 4 КАКО НАЈМАЛ КОЈ НАЈМАЛКУ ЈАДЕ, ЗА ТАТО НЕМАШЕ ЌЕБАПИ, ТОЛКУ БЕА ПАРИТЕ

0
462

Наслов : Мактел.МК

Почитувани читатели, денешната колумна ќе ја посветам на култниот објект, сместен во срцето на Градскиот парк Скопје, убавиот Кермес. Во изминатиот век Кермес претставуваше симбол на еден урбан живот за скопјаните и останатите граѓани кои милуваа да го почувствуваат духот на Кермес.

Сеќавањата за овој угостителски објект ме навраќаат во најраниот период од моето детство. Во раните 50-ти години на минатиот мојот покоен татко ќе ме фатеше за рака во недела попладне и право на натпреварите (утакмици) на ФК ,,Вардар” во првата Југословенска лига.Вообичаено по фудбалскиот натпревар мајка ми нѐ чекаше на насипот меѓу Градскиот стадион и Паркот, кој денеска се наоѓа во близина на некогашниот ресторан ,,Езерце”. Тие фудбалски игри на терен за мене беа вистинско задоволство, а после нив следуваше уште едно – родителите ме водеа во Кермес.

Бевме четиричлено семејство со една плата и животот го поминувавме со штедење, но одењето во Кермес имаше посебна симболика за мене и мојот брат. Ние имавме можност да слушаме жива музика и да ги вкусиме најубавите ќебапчиња, симбол во Градот.

Мирисот од скарата каде се спремаше ќебапот беше толку интензивен што уште пред самото влегување во Кермес , ќебапот ни беше во мисла.Татко ми ќе фатеше маса на крајот од летната бавча, ќе нарачаше за себе една чаша ракија и мезе. Бидејќи никогаш не завршуваше само со една ракија, си носеше златна резерва шише и си дотураше во сопствената чаша. Мајка ми не пиеше алкохол и за неа лимонадата беше главен пијалак.

Се нарачуваа 15 ќебапи од кои 5 за мајка ми, 6 за мојот постар брат и за мене 4, како најмал кој најмалку јаде. Токму при ваквата распределба го покажав својот непокор и барав рамноправност. Секако и ја добив, бидејќи бев милениче на целото мое семејство. Ќебапите ги делевме на три места по пет, што значи ако јас не можев да го изедам својот дел ќе го завиткав во хартија со парче леб и ќе си го носев дома. Арно ама брат ми итрецот ќе го изедеше и тоа ќебапче. Татко ми вообичаено не нарачуваше за себе, бидејќи домашната математика не му го дозволуваше тој луксуз.

Маестралните Васка Илиева и Никола Бадев беа главните гости во музичките вечери. Токму тој Кермес од тие времиња веќе го нема.Пред точно 18 години ја презедов одговорноста да го реконструирам и да му ја вратам душата на овој објект во срцето на Градскиот парк Скопје, збогатен со содржини кои одговараат на модерниот човек.

Како градоначалник на Скопје, како независен кандидат, не дозволував мешање на централната власт во работењето на Град Скопје. Од тие причини тогашниот премиер Никола Груевски, кој сакаше да владее со цела Македонија, ме почувствува како непријател и отпочна процес против мене врз објектот Кермес додавајќи му титула „културно наследство”.

Кермес никогаш не бил запишан во книгите на Заводот за заштита на културни споменици на Скопје како културно наследство. Меѓутоа, зборот на премиерот беше посилен од тогашната градоначалничка на Општина Центар, г-ѓа Аларова и издадената дозвола за градба на објектот Кермес ја стопираше во фаза кога беа силно отпочнати градежните работи на овој објект.

Јавноста мора да знае дека проектот беше одобрен од Општина Центар, комуналиите беа уплатени во целост кон Град Скопје и Општина Центар, а градбата на Кермес беше отпочната со засилено темпо.Самата градба во темел беше закочена од подземните води на Градскиот парк кои имаат силно струење и на два пати ни ги дигнаа темелите на овој објект.

Незаконската забрана за градење на Кермес до денес сѐ уште е отворено прашање.Пред Врховниот суд докажавме дека целиот проект беше уредно изработен со уредно отпочната негова реализација. Кермес не беше запишан во книгите како споменик на културата во Заводот за заштита на културното наследство.

Врховниот суд донесе одлука да ни се врати маркицата која ни беше одземена од Општина Центар, по наредба на Груевски и да ни се врати градежната дозвола.Дозволата за градба ни е вратена, но не и маркицата.Процедурално, маркицата се враќа со одлука на Општина Центар која треба да ја донесат советниците на општината.

Се променија градоначалниците од Аларова, Тодоровиќ, Жерновски, Богдановиќ па до денешниот, петти по ред радоначалник, Герасимовски. Ветувања имав од сите градоначалници дека процесот ќе се заврши, меѓутоа до денес тоа не е сторено.Денес Кермес е авет во централниот дел на Градскиот парк во Скопје. Севкупните трошоци да ги пресметам објектот во оваа фаза ме чини 3,5 милиони евра, а сѐ уште имам објект без маркица, што значи виси во воздух.

Кои сте бре вие политичари што го украдовте симболот на Скопје и скопјани? Ме казнувате мене од, за мене неразбирливи причини, а не знаете дека така сами себе се казнувате. Кермес му треба на Скопје, не на мене!До кога ќе живееме со злоба и суета во себе?Скопјанец сум, си го сакам Скопје. Ги сакам сите мои сограѓани и сакам да живеат во еден модерен и убав свет.За Кермес ја плаќам цената, но за жал, покрај мене ја плаќаат и моите скопјани.

Фејсбук статус на Трифун Костовски