КОСОВСКАТА „ВИВА ФРЕШ“ ЈА КУПУВА „СТУДИО МОДЕРНА“ ВО МАКЕДОНИЈА

0
363

СМА Холдинг Ш.П.К. кој преку Косово купува бизниси во Македонија, сега подготвува преземање на „Студио Модерна“ од Скопје, компанијата која ги застапува брендовите како „Дормео“, „Делимано“ и „Топ Шоп“, со ланец на продавници низ земјата.Ова е објавено вчера како известување за можна пазарна концентрација од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Холдингот веќе ги поседува маркетите „Вива Фреш“, а од неодамна го купи и малопродажниот ланец „Кит-Го“ од Штип.

„Друштво за трговија и маркетинг СТУДИО МОДЕРНА ДООЕЛ Скопје е друштво кое се занимава со трговија на мало преку пошта и интернет која вклучува трговија на мало на производи за домаќинство (мебел, душеци, перници, постелнини, под-душеци, наддушеци), опрема за осветлување и други предмети за домаќинства, производи за подготовка на храна и други производи за унапредување на живеењето и опрема за чистење во домот.

Трговијата ја сочинуваат продажба на брендирани производи како што се Топ Шоп, Дормео, Делимано, Волкмакс и Велнео, преку разчлични канали за продажба: телевизија, интернет, продажба на мало преку продавници, телемаркетинг. За целите на ова Известување, релевантниот пазар на производи може да биде дефиниран како пазар на трговија на производи за спиење, душеци и производи за домаќинство за готвење и чистење а географскиот пазар би бил пазарот во Република Северна Македонија“, објави комисијата.

За СМА Холдинг Ш.П.К. е напишано дека „се занимава со управување и контрола со трговски друштва, обезбедување на помош на трговски друштва во целосна или делумна сопственост на друштвото, продажба на големо и мало на стока и опрема“.Штипскиот бизнисмен Кирил Гогов од крајот на мај минатата година повеќе не е сопственик на ланецот маркети Кит-Го, откако официјално заврши превземањето од страна на косовската компанија Вива Фреш. Се верува дека за тоа биле платени околу 60-тина милиони евра. Процесот на купување траеше повеќе од една година.

Во јули словенечкиот основач на „Студио Модерна“, Санди Чешко, познат уште и како „крал“ на ТВ продажбата, кој со своите брендови Дормео, Делимано и Космодиск „навлезе“ во речиси секое домаќинство во овој дел на Европа, за словенечките медиуми потврди дека е во деловни тешкотии. Последната информација за приходите на „Студио Модерна“ во Македонија е дека во 2017 со 182 вработени е остварена продажба од над 11 милиони евра. Добивките во овој период се движеле околу половина милион евра.