ТОА БИЛО МАЛО КОШКАЊЕ КАКО ШТО ИМА ВО СЕКОЈА ФИРМА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА М-НАВ ХАМИДИ ЗА УПАДОТ ВО КОНТРОЛНАТА КУЛА И НЕ ДАВА ОСТАВКА

0
321

На денешната прес-конференција, директорот на М-НАВ Хамиди долго време си ги редеше успесите, од пандемијата со коронавирусот, до денеска. (Фото: К. Попов)

Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди денеска кажа дека нема да поднесе оставка на директорската функција, поради, како што кажа, успесите што ги постигнал во институцијата. А за Владата кажа: „Ако сакаат, уште одма нека ме разрешат”.

Потоа, на прес-конференцијата долго време си ги редеше успесите, од пандемијата со коронавирусот, до денеска.

На новинарско прашање како толку успешен директор дозволил вчера да упаднат 8 луѓе, повеќето надворешни лица, кои од вработен кој сега е под полициска истрага, биле спроведени директно во радарската заклучена соба и таму истепале и повредиле контролор на летање, Фахрудин Хамиди кажа прво дека во секоја фирма има кошкање.

„Се случил немил настан, тоа било мало кошкање. Кошкање има во секоја фирма”, кажа тој и дополнително одговори дека за тоа кои биле лицата нема да коментира, оти се водело истрага.

На дополнително прашање како тврди тој дека авиосообраќајот е безбеден и секој може да лета во, над и од Македонија, кога во моментот на упадот на бандитите, имало контрола на над 36 авиони што во тој момент прелетувале над нашето небо, Хамиди кажа дека кошкањето не се случило во радарската соба и безбедноста на авионите не била загрозена.

Претходно претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, на неколку метри од Хамиди, на новинарско прашање одговори дека при нападот контролорите од радарската соба биле под голем стрес, но тие за среќа се обучени за напади, бомби, опасности. Сепак опасноста вчера била голема.

Директорот Хамиди рече дека „самиот Тасевски е непотизам, татко му кога бил началник го примил на работа, а и брат му работи како контролор на летање“.

Но, контролорите на летање што се протестираат против партиските вработувања, велат дека не е проблем кој било да се вработи во Контролата на летање, но мора да ги помине сите строги селекции, да ги помине сите тестови и да ги положи испитите за да може да оди на обука.