МИЦОТАКИС ГО ОТВОРИ „МАКЕДОНСКИОТ ПАРТЕНОН“, РЕСТАВРИРАНАТА ПАЛАТА НА ФИЛИП ВТОРИ ВО АЈГА, МЕСТОТО КАДЕ Е КРУНИСАН АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

0
1342

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на свечена церемонија ја пушти во употреба обновената палата на Филип Втори во Ајга, во која за крал е крунисан и Александар III Македонски и претставува најголема градба од античкиот период на територијата на Грција. Ајга се наоѓа во близина на селото Вергина (Кутлеш) и македонските кралеви таму традиционално се погребувале.

По 16 години реставрација, одржување, поправка, реконструкција, ископување и документирање на огромното археолошко наоѓалиште, најсјајното здание на античка Македонија, ги отвора своите порти кон светот за да потсети на славни моменти од историјата на античката македонска држава.

Германскиот археолог, историчар и професор Волфрам Хофнер палатата претходно ја опиша како „Македонски Партенон“ , која од грчки Партенон е поголема дури три пати. Била изградена во периодот од 350 до 340 година п.н.е.

„На сето ова додадена е реставрираната палата, така што сите овие можат динамично да комуницираат со посетителот. Бидејќи не случајно избрав повторно да бидам овде во чест на споменикот на царството на Македонците коe, почнувајќи од Ајга, остави белег до Дунав – Филип Втори беше првиот европски крал што го прошири кралството на север, а потоа неговиот син остави хеленистички отпечаток дури до Индија и Египет“, рече Мицотакис на отворањето на археолошкиот парк во Ајга.

Грчкиот премиер истакна дека „оваа палата е ремек дело на два ката со многу мозаици, фрески кои ја отсликуваат славата на Филип и овој споменик ќе придонесе многу странски туристи да ја посетуваат Грција, а воедно најави дека ќе продолжат и истражувањата на локалитетот.
Во централниот дел на локалитетот, на кој Филип II (359-336 п.н.е.) ја модернизира и ја надградил Ајга, кралската метропола на Македонците, е подигната палата, со површина од околу 15.000 метри квадратни и претставува најголемата зграда во класична Грција.

-Тоа е едноставна и функционална зграда, а во исто време монументална и импозантна. Архетипското здание се карактеризира со луксузот на материјалите, генијалноста и совршенството на изведбата, неочекуваните достигнувања на технологијата и, во исто време, со геометриската чистота на формата што формира ансамбл на неспоредливо спокојство, елеганција и хармонија, каде што сè е подредено на шармот на мерката, опишуваат археолозите.

Научно и административно одговорна за проектот во сите фази беше д-р Ангелики Котаридис, археолог.
Каде е гробот на Александар Македонски?
Само три недели пред отворањето на рестравираната македонска палата во Ајга, во грчката јавност се отвори дебата за најголемата светска мистерија – каде е гробот на Александар Македонски. Имено, професорката по византологија Елени Гликатзи-Арвелер која има грчко и француско потекло тврдеше дека посмртните останки на големиот македонски крал и војсководач Александар се во Грција, поточно во кралската гробница во Вергина (Кутлеш).

Таа како поткрепа на своето тврдење кое наиде на разни реакции, наведе шест аргументи односно археолошки наоди откриени во самата гробница: пронајдената статуа на Александар во боја на слонова коска, претставата во фризот што покажува дејство кое за да се изработи морало претходно да се случи, првобитната желба на Македонецот да биде погребан во неговата татковина, временскиот јаз од погребот на местото што го знаеме, до изградбата на мавзолејот, висината на покојникот, која, како што вели, не наликува на таткото Филип, туку на Александар и хундитот кој е египетски минерал пронајден во гробницата.

97-годишната византиска историчарка во неодамнешното телевизиско интервју ја повтори својата проценка дека гробницата од Вергина не му припаѓа на Филип Втори, како што беше откриено по долгогодишно истражување на водечкиот археолог Манолис Андроникос, туку на неговиот син Александар Велики, чие погребување останува голема, нерешена мистерија за светската историска и археолошка заедница.

Елени Гликатзи-Арвелер, иако не е археолог, ги доведе во прашање заклучоците на Манолис Андроникос, но и постојните историски и археолошки извори кои покажуваат дека гробот на Александар Македонски се наоѓа во Александрија, Египет, и инсистира на тоа дека неговите коски се во внатрешноста на целосно златната урна во Вергина на која на капакот стои врежаната македонското сонце со 12 зраци.

Историски извори за погребот на Александар
Според постоечките историски извори, по смртта на Александар Македонски во Вавилон во 323 п.н.е., неговите наследници имале различни мислења за неговото погребување. Додека беа предложени Вавилон, Егис и Оазата Амон, Ајга конечно бела избрана како место во кое бил погребан и таткото на Филип и другите членови на истата кралска династија. За време на походот на поворката кон Македонија, во близина на Дамаск телото го запленил Птоломеј, кој го однел во Египет, со кој тој владеел.

Балсамираното тело на Александар првично било погребано во Мемфис, Египет како што спомнува Павзанија, додека подоцна, на почетокот на III век п.н.е., било пренесено во Александрија од синот и наследник на Птоломеј, а потоа, во средината на 2 век п.н.е. ., во мавзолејот на семејството во Александрија. Всушност, гробницата била посетена од Јулиј Цезар, во 48 п.н.е. , Октавијан Август, римскиот император Калигула и други.

Историчарот Лав Африканец, спомнал дека го видел гробот на Александар, во 1491 година, меѓу урнатините на Александрија, додека патникот Џорџ Сандис тврди дека во 1611 година, кога ја посетил Александрија, посетил гробница, која му била посочена како почивалиште на Александар.
Теоријата на Елени Гликатзи-Арвелер дека сепак Александар почива во својата татковина не наиде на одобрување на грчката јавност бидејќи се смета за големо промашување на грчките водечки археолози и историчари кои со пет децении не истражиле што точно има во кралската гробница во Вергина, можеби веќе го имаат Александар, а никогаш не го погледнале.

Токму на 8 ноември 1977 година Манолис Андроникос објави дека во Вергина ја открил недопрената гробница на македонскиот крал Филип II: „ДА, сега цврсто верувам дека покојникот во гробот на Вергина е Филип Втори, татко на Александар Македонски. “, недвосмислено изјавил тој во аудиториумот на Универзитетот Аристотел во Солун, удирајќи со тупаница по говорницата со очигледни емоции. Во истото ископување е откриена уште една недопрена гробница, гробница III, која едногласно му се припишува на Александар IV, синот на Александар Трети Македонски и Роксана, гробот на една од сопругите на Филип и гроб во облик на кутија кој бил многу помал од другите.