СЕ БАРА ОТВОРАЊЕ НА ПРЕТСТЕЧАЈНА ПОСТАПКА ЗА ФЕНИ, НО БАНКАТА Е ДЕЦИДНА – РАБОТНИЦИТЕ СЕ ДВИЖАТ ВО ДОБАР ПРАВЕЦ, ПРЕГОВОРИТЕ СО СТРАНСКИОТ ИНВЕСТИТОР ОДАТ ОДЛИЧНО

0
301

За Еуроникел индустри, односно поранешниот комбинат ФЕНИ од Кавадарци, се бара отворање на претстечајна постапка. Таква пријава стигнала во Централниот регистер на крајот на декември минатата година, а таа е примена во регистерот на 29 декември. Во пријавата стои дека се бара претсетечај, односно претходна постапка за должникот Еуроникел Индустри од село Возарци, Кавадарци, кое е регистрирано како трговско друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги.

„Постапувајќи по службена должност за упис на решение од 28 декември 2023 година на Основен суд Велес за поведување на претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка над должникот Трговско друштво за ископ на руди, производтво на метали, трговија и услуги Еуроникел индустри, согласно член 59 од Законот за едношалтерски систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица“, е наведено во правниот основ врз основа на кој се поведува претстечајна постапка врз кавадаречкиот комбинтат. Како дополнителни инфпрмации, пак, потоа, се нагласува дека „се поведува претходна постапка за утврдување на причината за отворање на стечајна постапка над должникот Еуроникел, со приоритетна дејност – производство на други обоени метали“.

Она што е интересно а што го има во дополнителните информации, е дека се закажува рочиште за 2 февруари оваа година, во 11 часот, во судница на велешкиот суд.
„Се задолжува должникот, по приемот на решението, да му ги стави на привремениот стечаен управник сите податоци и известувања потребни за донесување одлука по поднесениот предлог. Во претходната постапка на должникот до донесување на одлука по предлогот за отворање стечајна постапка, се определуваат следните мерки за обезбедување: За привремен стечаен управник се определува лицето Љубица Зајкоска, дипломиран економист и лиценциран и овластен стечаен управник од Прилеп“, се вели во објавата.

Се задолжува привремениот стечаен управник да го заштити имотот на должникот со сите соодветни средства, да дава согласност на органите на управување на должникот за водење на работењето се до донесување на одлука за отворање на стечајна постапка, со цел да се избегне значително намалување на имотот и да испита дали должникот има имот над кој може да се отвори стечајна постапка и дали имотот е доволен за отворање стечајна постапка, и намирување на трошоците на стечајната постапка и побарувањата на доверителите и да изготви извештај за економско-финансиската состојба на должникот, неплатени обврски на должникот по сите основи.

„Се одредува општа забрана за располагање со имотот на должникот. Се забранува определување или спроведување на присилно извршување или спроведување против должникот. Се забранува исплата од сметките на должникот. Се повикуваат должниците на должникот своите обврски и должниковите солидарни содолжници и гаранти без одлагање да ги исплатат своите обврски кон должникот. Се задолжува должникот да му овозможи на привремениот стечаен управник да влезе во неговите деловни простории за да може да ги спроведе потребните дејствија, како и да му дозволи и да му овозможи да изврши увид во трговските книги и неговата деловна документација“, се наведува во дополнителните информации во врска со претстечајната постапка.

Фактор разговараше со извори од Комерцијална банка за тоа што значи ова барње за претстечајна постапка.
Но, нашите извори од банката се децидни дека отворањето на претстечајната постапка, па дури и ако дојде евентуално до отворање на стечај, нема никаква врска со имотот на комбинатот, кој сега е практично во целосна сопственост на банката, односно таа го поседува и објектот, и печката, и машините и транспортерите, практично целиот имот со кој до скоро располагаше комбинатот.

Комерцијална банка, како што дознаваме, исто така, нема никаква врска со барањето за отворање на претстечајна постапка за ФЕНИ. Всушност, банката своето побарување кое го имаше кон Еуроникел го наплати во целост со тоа што го презеде целиот имот на комбинатот, така што сега тој е во нејзина сопственост, а, како што веќе пишувавме, вреди околу 38 милиони евра.
Според нашите извори, барањето за отворање на претстечајна постапка е можно да доаѓа од некои други доверители, па дури и од работниците на комбинатит, на кои тој им должи три неисплатени плати.

„Всушност, она што би било предмет на распределба при евентуално отворање стечај врз Еуроникел индустри, се само некои побарувања кои ги има самиот комбинат, на пример побарувања по основ на ДДВ на сума од околу 4 до 5 милиони евра, а кои се однесуваат за период од три месеци. Затоа на вработените им е битно ова побарување, тие оттаму би зеле плата“, вели нашиот извор од банката.
Но, она што е најважно, а што го потенцираат нашите извори од Комерцијална банка, е дека ова барање не само што не значи дека работите во врска со комбинатот фатиле лош правец, туку напротив, како што нагласуваат нашите соговорници, преговорите за продажба со потенцијалниот странски инвеститор одат одлично, па не е исклучено и дека двете страни се многу блиску и до постигнување на договор.

„Преговорите со потенцијалниот странски инвеститор одат одлично. Притоа, не само што постои голем и сериозен интерес од комбинатот од странскиот инвеститор, туку од купување на комбинатот не се откажува ниту домашниот инвеститор, така што се очекува и тој да понуди подобри услови и д биде сериозен играч за стекнување сопственост врз овој кавадаречки комбинат“, објаснуваат нашите извори.

А, влезот на комбинатот беше блокиран вчера утрото од работниците, кои немаат земено три плати и бараат да се најде купувач за фабриката, за да можат да ги задржат своите работни места. Тие сметаат дека не треба само стотина лица да имаат работа, колку што сега се ангажирани на одржување на печката, туку побрзо да се најде инвеститор и сите да останат на работа. Ова вчера го изјави претседателот на СИЕР, Игор Герасов.

„Како што сум информиран од банката, во финални разговори се со некој инвеститор и се надеваат на потпишување на договор, што е можно побрзо, за да може компанијата да продолжи со работа“, нагласи Герасов. А, Фактор веќе пишуваше дека турската компанија Јилдирим е заинтересирана за купување на комбинатот, кој во моментов е во сопственост на Комерцијална банка. Според нашите информации, таа компанија е еден од потенцијалните субјекти за купување на комбинатот, покрај неколку други, меѓу кои и кавадеречката компанија ИГМ Трејд на бизнисменот Илија Гечев.

Некои познавачи на состјбите со кои разовараше Фактор сметаат дека за Еуроникел би било многу добро доколку Јилдирим се јави како нивни купувач, бидејќи станува збор за голема и моќна компанија која располага со различни видови на дејности, и токму поради својата разноликост и финансиска сила би била добар газда на поранешен ФЕНИ, со оглед на тоа што ќе има моќ да ја одржува компанијата дури и во време кога не би била поволна коњуктурата на никелот на светските берзи.Се разбира, ова не ги исклучува и другите играчи кои се заинтересирани за купување на комбинатот, доколку имаат интерес и доколку се подготвени да ја платат сумата од околу 38 милиони евра, под кои цената не би можела да се спушти.