ИНТЕРВЈУ НА АГРОТИМ – Арјанит Хоџа : Нови 5 милиони евра помош за тутунарите, годинава приоритет договорното производство како најдобро решение за сите земјоделци

0
738

Годината е на самиот почеток, работите во земјоделството се интензивираат. Нивите се поготвуваат за сеидба, во овоштарниците и лозјата кроењето е на ред, а градинарите го подготвуваат расадот. Во фармите застој нема.

Вистинско време за интервју на АГРОТИМ со првиот човек на МЗШВ, министерот Арјанит Хоџа за плановите за земјоделската 2021. Неговиот начин на работа и менаџирање на она што до сега имавме можност да го видиме со стратешките земјоделски гранки, како што се лозарството и тутунарството, влева доверба и сигурност дека земјоделците имаат сериозен партнер во Владата.

Разговараме за плановите, што е тоа што ќе биде приоритет во работењето на МЗШВ оваа година, кои земјоделски гранки или мерки ќе доминираат, кои насоки ќе ги добијат земјоделците.

Агротим: Со оглед дека ова е Ваше прво интервју за Агротим, а ве следиме од првиот ден во министерството на кој начин се снаоѓавте со проблемите кои ве пречекаа, кажете како вие ги доживеавте првите месеци од вашиот мандат? Претпоставувате ли со каков комплексен и тежок сектор ќе раководите?

Хоџа: Мора да се признае дека не едноставно, а уште повеќе не е лесно да се носите со проблемите во земјоделското производство. Се работи за наша стратешка гранка, важна за државата која тангира 200 000 земјоделски семејства но и сите граѓани бидејќи станува збор за основното – храната. Ми помогна тоа што јас доаѓам од агросекторот, познати ми се и предностите и проблемите како и институционалните предизвици на кои често наидуваат земјоделците и агробизнисмените. Добро решение има само кога ќе се искомбинира со добар тим и екипа на терен, земјоделци кои ги живеат проблемите и желбата да се извлече максимум од ситуација. Жалам што лани и сеуште имаме светска криза од пандемијата која најсилно ја почуствуваа лозарите и моравме да интервенираме со државните ресурси.

Следуваше откупот на тутунот, кој сеуште трае и незадоволството од проценките, класите, откупните цени како и вишокот тутун, па моето внимание и капацитет целосно е насочен во решавање на проблемите на тутунопроизводителите. Како институција се вложивме максимално и продолжуваме додека не се откупи и последната бала тутун. Со петиот пакет економски мерки, за справување со ковид кризата, Владата како погодена група на граѓани ги вклучи и производителите на тутун. Со најновиот пакет предвидени се околу 5 милиони евра средства наменети за тутунарите

Агротим: Владата ги донесе Програмите за директни плаќања и за Рурален развој. Што да очекуваат земјоделците, кога ќе има исплати на субвенциите, кога ќе се распишуваат новите повици за популарните Млад земјоделец, Рурална жена, механизација, новата мерка 10 000 за нов агробизнис?

Хоџа: Програмите за Директни плаќања и Рурален развој се донесени, а исплатите ќе започнат набрзо и тоа на основните субвенции. Први пари ќе добијат лозарите, а до април ќе се исплатат субвенциите за тутунот, потоа за поледелство, градинарство и овоштарство. Исто така во овој период ќе започне исплата и на апликантите кои добиле по мерките објавени од лани, а новите повици за Млад земјоделец во висина од 20 000 евра неповратни средства, за 10 000 евра за нов агробизнис, Рурална жена и други мерки од програмата за Рурален развој,се очекува да бидат на средина на годината. Ме радува тоа што има голем интерес токму за овие мерки кои се однесуваат на подмладување на секторот што е исто така и европски тренд.

Агротим: Еден од начините кои можат да придонесат субвенциите да имаат развојна компонента е договорното производство. Ова пред 2 години се потврди преку организирањето на договорно производство на сончоглед и покачувањето на субвенциите кои ги мотивираа земјоделците да се вратат на оваа наша традиционална култура. Дали годинава се планира поголема поддршка на договорното производство?

Хоџа: Точно е тоа, освен за субвенциите, договорното производство е одлична можност земјоделците да имаат сигурност во производството преку договорениот откуп од страна на откупувачот. Оваа година планираме повеќе да го форсираме договорното производство не само на сончоглед, туку и на пченка, пченица, маслодајна репка како и на овошје и зеленчук во соработка со преработувачката индустрија. Постои интерес и кај примарните производители и кај откупувачите и преработувачките капацитети, што е добро бидејќи на овој начин се враќа довербата и се воспоставува еден партнерски однос меѓу сите чинители во процесот. На сите веќе им е јасно, и на земјоделците и на откупувачите дека едни без други не можат. Овој процес како министерство и лично го поддржувам и ги охрабрувам земјоделците да склучуваат но и да ги почитуваат договорите. Како институција ние ќе го следиме процесот и доколку има потреба ќе реагираме и во висината на субвенциите со цел земјоделците да бидат мотивирани да се вклучат во договорното производство. Исто така, во програмата за рурален развој за прв пат ќе има Мерка 125 – Соработка за развој на нови производи, процеси и технологии во земјоделскиот и прехрамбен сектор (интегрирани проекти) Мерката е наменета за подобрување на односите помеѓу земјоделците и преработувачите, подигнување на нивото на иновации во земјоделскиот и прехранбениот сектор, подобрување на маркетингот и зголемување на продажбата на земјоделските производи и подобрување на перцепцијата на потрошувачите за висококвалитетни локални прехранбени производи. Мерката предвидува помош до 80% од активностите и инвестициите или максимален износ до 120.000 евра. Со ова мерка планирано е да се гради доверба меѓу производителите и откупувачите за заеднички да изнајдат креативни решенија, а во тоа ќе им помогне државата.

Агротим: Органското производство со години се обидуваме како држава да го поставиме на едно повисоко ниво, но нискиот процент на површини под органско производство не демантира. Што планирате на оваа тема, имате ли стратегија, план како да се развие повеќе? Знаеме дека е хит во ЕУ и светот, а пандемијата покажа дека граѓаните и кај нас покажуваат интерес за органски земјоделски производи.

Хоџа: Редно е освен декларативната да има и конкретна заложба. Да се искористи потенцијалот на нашето поднебје, да се зголеми интересот на земјоделците за ова производство и да ги искористат 100% повисоките субвенции од конвенционалното производство. Планираме да информираме, мотивираме и да ги насочиме земјоделците кон ова производство, дали тоа ќе биде преку договорно производство со преработувачите на овошје и зеленчук, или во соработка со откупувачите и трговците. Да се усогласи законот со ЕУ и да се видат сите препреки кои стојат пред ова производство. Да се зголеми процентот на површини под органско производство кое има сигурен пласман и повисоки цени.

Агротим: Пандемијата со Ковид 19 ја покажа и нашата друга предност, а тоа се можностите што ги нуди руралниот развој. Какви се плановите на МЗШВ, дали ќе се впуштите во поголема активност за развој и грижа на селата?

Хоџа: Руралниот развој е наша предност, наша перспектива. За жал изминатите години беше неправедно запоставен, селото не доволно почитувано и ценето, а селскиот и фармерскиот туризам беше привилегија на мал број домашни и повеќе странски туристи кои точно знаеја во што е убавината и едноставноста на животот. Пандемијата како да ја отвори Руралната врата па сите ние лани видовме со какви убавини, предности и можности располага нашата држава. Тој импулс мора да се искористи, мора да се создадат услови за живот во селата, патишта, амбуланти, продавници…сите тие основни услови да се исполнат, тогаш луѓето сами ќе посакаат да одат и да живеат во селата. Тука треба како држава да се насочиме повеќе. Постојат фондови во неколку министерства, агенции, има ИПАРД и други ЕУ средства кои треба максимално да се искористат и насочат во поголем рурален развој и агротуризам.