ЗА ПРВ ПАТ ПО 20 ГОДИНИ ОТКАЖАН ПИВО ФЕСТ ВО ПРИЛЕП

0
1019

СООПШТЕНИЕ

Во пресрет на традиционалниот датум за организација на Фестивалот на пивото, а тоа е срединатa на јули и со цел да се одбегнат сите шпекулации во јавноста, како Општина Прилеп сакаме да ја информираме јавноста за единствените факти и вистинската моментална ситуација поврзана со организирањето на оваа манифестација.

До овој момент во Општина Прилеп доставено е само едно барање од Здружение, кое што се пријави како потенцијален организатор за овој Фестивал. Истото тоа здружение нема предвидено јасна финансиска конструкција ниту програма за реализација која што ќе гарантира професионална организација на настан од вакви размери.

Би сакале да појасниме дека Општина Прилеп никогаш во минатото не била организатор туку само поддржувач на вакви манифестации што е случај и оваа година. Општина Прилеп и оваа 2023 година има предвидено да ја поддржи манифестацијата со 1 милион денари од Буџетот наменет за култура, кој што годинава изнесува 4 милиони денари. Локалната самоуправа на општина Прилеп останува на ставот дека манифестацијата треба да се одржи, бидејќи фестивалот на пивото и скарата има културен, економски и туристички бенефит за градот.

Но недоволната поддршка за организација на годинешниот фестивал од повеќе фактори до овој момент, влијае на одлуката за одржување или одложување на манифестацијата.

Нашата цел како Општина Прилеп е да имаме квалитетен фестивал со богата музичка понуда и содржини, па поради тоа сметаме дека треба да бидат исполнети сите предуслови за неговa беспрекорна организација и одржување.