ЖИВКО МУКАЕТОВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА ,,INSTORE” : КРЕИРАМЕ РЕГИОНАЛНА ФУЗИЈА ЗА ДЕЛОВЕН РАЗВОЈ

0
840

Живко Мукаетов – генерален менаџер и претседател на УО на „Алкалоид“

Речиси 25 години Живко Мукаетов ја гради својата кариера во „Алкалоид“, работејќи на повеќе позиции, а на чело на компанијата е речиси 20 годиниЗа компанијата тој истакна: Историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во ексклузивното интервју за InStore тој додава дека постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на „Алкалоид“, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра.

За работењето на „Алкалоид“, но и за ставовите поврзани со економската состојба на земјава и регионот, за регионалните иницијативи и за многу други теми, прочитајте во интервјуто со генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Разговараше: Алма Растодер, [email protected]

Како Вие, лично, го доживувате развојниот пат на „Алкалоид“ откако сте на позицијата генерален директор, а и лично Вашиот во рамките на компанијата? 

Мојот пат во „Алкалоид“ го почнав на свои 25 години, во септември 1999, од базичните хиерархиски нивоа на компанијата, од каде што преку разни менаџерски позиции, во мај 2006 година бев назначен за генерален директор, а потоа и претседател на Управниот одбор. Со доаѓањето на најодговорната позиција во еден голем систем како „Алкалоид“, со цврсто поставени принципи на корпоративно управување, настојував да внесам нова енергија согласно спецификите на модерните текови. Во 2006 година пласманите на „Алкалоид“ изнесуваа 57,7 милиони евра, а 2022 година ја завршивме со 231,9 милиони евра консолидирани продажби. Овој четирикратен пораст, во услови кога речиси секоја година била одбележана со некаков кризен предзнак, воопшто не беше лесен. Но, историски гледано, компанијата растела и се развивала низ многу специфични времиња и системи во текот на своето 9-децениско постоење, но секојпат покажувала резилиентност и брза адаптација кон промените. Во контекст на успешниот развој, можеби клучните зборови се посветеност и напорна работа.

„Алкалоид“ во моментов е компанија на над 2.700 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива.

За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб.

„Алкалоид“ е посакуван бизнис-партнер како на македонскиот така и на странските пазари. Што треба да исполнува една компанија за да биде ваш соработник/партнер?

Во листата со доставувачи на „Алкалоид“ на македонскиот пазар регистрирани се околу 1.200 мали и средни претпријатија. Листата со соработници и партнери во земјава и во регионот брои повеќе од 1.500. Во сите наши операции се залагаме за испорачување константно висок квалитет, чесност, исполнителност, висока деловна етика, професионален интегритет и кредибилитет кои ги бараме кај секоја компанија со која имаме воспоставено каков било вид соработка.

Колкав процент зазема извозот во работењето на „Алкалоид“? Кој пазар од Јадранскиот Регион е најдоходовен, а кој воопшто на светско ниво каде што работите? Кои производи се предводници на порастот?

Во првиот квартал од 2023 година 72% од нашите пласмани беа наменети за извоз. Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29% во извозот, 20% се наменети за Источна Европа, 22% се пласмани на западноевропските пазари.

Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90%, а 10% се од сегментот хемија, козметика и билкарство.

Кои се главните разлики во работењето во другите држави во кои е застапен „Алкалоид“ во споредба со Македонија? Што може да се научи/примени во работењето кај нас?

Секој пазар има своја специфика и треба да се третира индивидуално, а за да бидете конкурентни на кој било странски пазар, неопходни се инвестиции во локални кадри, во производствено портфолио, во маркетинг. Од друга страна, фармацевтските производи се високо регулирана категорија и влезот на странските пазари е исклучително тежок. Но, процесот на глобализирање на брендот „Алкалоид“ е почнат пред околу две децении. Во тој поглед комплетно сме подготвени за адаптација на веќе прифатените законски и деловни норми и правила на работење кои се практикуваат на пазарите во високоразвиените земји во Европа, Америка, Блискиот Исток и слични, но Македонија и регионот се и остануваат главната база на нашите операции.

Каква е ситуацијата на македонскиот пазар, колкав дел од пазарот држат брендовите на „Алкалоид“ во одредени категории? Какви Ви се плановите во поглед на вложување во нови брендови, дали наскоро може да очекуваме нешто ново?

Доколку зборуваме за лекови, помошни лековити средства и додатоци во исхраната, за жал, македонскиот пазар е недоволно регулиран. До некоја мера би можел истото да го кажам и за детската козметика, а токму во овие два сегменти особено ми е драго што сме лидери на македонскиот пазар и предничиме во однос на квалитетот со увозната конкуренција.

Што се однесува до вложувањето во нови брендови, би го споменал MultiEssence кој е umbrella бренд на производи кои се издаваат без лекарски рецепт. Задоволството е големо што, на пример, нашиот производ oд овој бренд, Магнезиум 400 со Б комплекс, предничи во однос на конкуренцијата во својот сегмент не само во Македонија, туку и на пазарите во регионот.

Колку знаењето што денес го добиваат студентите е реално применливо во работењето? Се соочувате ли и Вие со проблемот дефицит на кадар и како го решавате?

По дипломирањето на Машинскиот факултет, пролетта 1997 година, ми се укажа можност да ја продолжам едукацијата во Лондон. Таму поминав две години на постдипломски студии по маркетинг-менаџмент, кои беа многу корисни од аспект на додавање доза на креативност во инженерската логика. Тогаш студирањето надвор не беше актуелен тренд како сега и тогашниот едукативен систем навистина произведуваше квалитетни кадри. За жал, истото не би можел да го кажам од денешна перспектива зашто кај студентите на државните универзитети сѐ повеќе е евидентна недоволната обученост и мотивираност. На пазарот на труд секогаш ги избираме најдобрите кандидати, а одговорноста е огромна кога станува збор регрутирање кадри од стручните сфери, каде што дефицитот веќе стана евидентен. За да направиме одржлива промена во нашиот делокруг, воведовме разни програми за (до)едукација, дуално образование и практикантство кои веќе четврта година успешно се спроведуваат во соработка со државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а основавме и сопствен едукативен центар. Во служба на квалитетна едукација и продуцирање идни компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата е нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од основањето во мај 2007 до денес има стипендирано 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет. По основ на стипендии и еднократни парични награди досега имаме инвестирано околу 2 милиона евра. Постојано инвестираме во стручна доедукација на нашите кадри, првенствено од сферата на фармацијата и фармацевтската технологија, каде што едeн од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград.

Во изминатиот период реализиравте многубројни инвестиции, а меѓу нив беше и инвестицијата за производство на влажните марамчиња Becutan. Kолку инвестициите се поврзани со иновации и со развој на брендовите? Кои инвестиции/иновации може да се очекуваат до крајот на годинава?

Во изминативе три децении инвестициските активности на „Алкалоид“ се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе 5 години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. „Алкалоид“ има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре. Во сегментот фармација, лидер по бројот на екстензии е нашиот бренд Proculin воведен во 1967 година, кој прерасна во комплетна линија за нега на очите не само во Македонија, туку и во регионот. Во сегментот козметика неизбежно би го издвоил Becutan, кој речиси 5 децении ужива висок индекс на препознатливост во регионот, присутен на пазарите во близу 30 земји во светот. Неодамнешната инвестиција во погонот за производство на влажните марамчиња, вредна околу 4 милиони евра, вклучува комплетно автоматизирана и роботизирана опрема, дизајнирана и конструирана според најновите нормативи за добра производствена практика и европската регулатива за козметика. Особено ни е драго што по 15 години производство надвор од Македонија, денес комплетниот процес го спроведуваме во погоните на нашиот локалитет во Ѓорче Петров. Во овој погон се произведуваат влажни марамчиња и за други приватни трговски марки на етаблирани синџири маркети.

До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено.

Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сѐ поевидентна е декаденција на системот на вредности. Домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси.

Сметате ли дека деловното поврзување и окрупнување на компаниите е добар начин за бизнис-секторот да одговори на политичката состојба и да ги избрише граничните бариери? Ќе ги придвижи ли Отворен Балкан работите во бизнисот?

Силно ги поддржувам регионалните иницијативи за соработка, како „Коморскиот инвестициски форум WB6CIF“, „Отворен Балкан“ и слични, чија цел е олеснување и унапредување на трговската размена, мобилност на работната сила, брз проток на услуги и разни синергии кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на регионот. За „Алкалоид“, регионот е стартна точка од каде што се гради глобалната стратегија. Имаме производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој, и која ја создадовме сами. Изнајдовме и форми за соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и Босна и Херцеговина.

Во оваа пригода би повторил една емпириска изјава на поранешниот генерален директор на „Алкалоид“, Трајче Мукаетов: Макросистемите мора да се градат врз основа на работењето и потребите на микросистемите, односно на компаниите. Факт е дека секоја фирма во земјава дава некаков придонес за целокупната економија, а со сета неизвесност што владее и се чувствува не само во земјава, туку и на другите пазари во регионов, компаниите се соочуваат со разни ризици и трошат драгоцено време и ресурси за надминување на предизвиците. Нашава земја во изминативе децении помина низ многу турбуленции, а прекумерната политизираност во сите пори на општеството не даде доволно простор за поголем економски развој. Ни недостига критичка мисла, приоретизација на интереси, а сѐ поевидентна е декаденција на системот на вредности. Успешните примери не се потенцираат, а, од друга страна, на цена се, незаслужено, лажни идоли. Младите заминуваат поради разочараност и подобри економски шанси надвор од нашата држава, додека домашната економија, доколку би излегла од маргините, би дала надеж за многу подобри перформанси. Генерално, во услови на политичка поларизација, бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, а со тоа и подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции и посветла иднина за идните генерации.

На кој начин ги избирате луѓето што се на раководните функции, што треба да поседуваат за успешно да ги реализираат договорените одлуки?

Успехот е несомнено тимска работа! Среќен сум што сум опкружен со тим од високостручни професионалци кои во голема мера придонесуваат за натамошен развој на успешната приказна на „Алкалоид“. Во тој процес, мојата улога е да ги мотивирам кон повисоки достигнувања. Секој ден е различна битка, но за да ја добиеме војната, мора да имаме ефикасна комуникација и високо ниво на емпатија.

Преферирам мотивирање наспроти контролирање, охрабрување наспроти казна и конструктивни дискусии кои инспирираат креативност. Мој императив е компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе го вложат својот целосен потенцијал кон заеднички успех.

Бизнисите се оние што треба да обединат, односно да најдат начини како поефикасно да ја промовираат регионалната економска интеграција за да се обезбеди повисоко ниво на конкурентност, подобар животен стандард, повеќе странски инвестиции…

Да се биде лидер значи да се биде храбар и во носењето на некои не толку популарни одлуки. Која одлука ја одбележала позитивно Вашата кариера, а која сметате дека не требала да се донесе?

Ако треба да издвојам некои од клучните стратешки одлуки, би ги споменал: изградбата на капацитетите за производство на цефалоспорински антибиотици, изборот на англиската агенција за лекови MHRA како референтна, дигиталната трансформација на компанијата, двојното зголемување на бројот на отворени канцеларии надвор од базата во Скопје, формирање на Институтот за истражување и развој, Центарот за контрола на квалитет, отворањето производен погон во соседна Србија, формирањето на секторот за бизнис-развој и ред други. Во однос на одлуки што не требало никако да се донесат, радикални немало, но би можел да посочам проекти каде што навистина сме вложиле многу труд и ресурси, но потребни биле неколку обиди и менување на стратегиите за да профункционираат и да дадат резултати. Имало и проекти во кои сум препознал потенцијал и на кои сум сакал да се посветам, но од некои причини отпаѓале од листата со приоритети. Сите тие искуства се добра лекција, а откажувањето никако не смее да биде опција.

Извор : ИнСтор.МК