Филипче: За првпат во земјава ќе пристигне најсовремената и најскапа терапија за ковид-пациенти

0
677

Министерството за здравство испрати писмо до Европската комисија за резервација на најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од Ковид-19, со „коктел“ од casirivimab и imdevimab, најави министерот за здравство, Венко Филипче.

Притоа тој потенцира дека кај нас е достапна целата терапија за третман на ковид-пациенти, а дополнително ќе се набави нова терапија.

„Испративме писмо, преку заедничкиот механизам за набавка на ЕУ со кое аплициравме за уште една терапија против ковид, всушност на истиот принцип како што го набавивме лекот ‘ремдесивир’. За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земи, ќе биде и кај нас“, изјави Филипче и информираше дека лекот ќе биде набавен со помош на кредит од Светската банка.