-Слободата на медиумите е камен темелник на демократијата и е во ДНК-то на Европа. Демократијата не може да функционира без слободни и независни медиуми, а почитувањето на слободата на изразување е од суштинско значење, подвлекува ЕК.
Натаму, Еврокомисијата изразува очекување дека релевантните институции ќе ги истражат сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинарите.
Претходно Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до дописничката на МИА од Брисел, Милевска.
-Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат, наведоа ЗНМ, ССНМ и СЕММ.