ПАНИКА ВО ВМРО ДПМНЕ, ЕВЕ ЗОШТО УТРЕ ДОАЃА ШОЛЕ, ЕВЕ ЗОШТО ДЕНЕСКА ИМА СРЕДБА ВО ТИРАНА: ПЛУСИНФО НА ГЕРО ОБЈАВИ ДЕКА СЕ СПРЕМА ГОЛЕМА ЕВРОПСКА КОАЛИЦИЈА ЗА СИЛЕН ПРОДОР КОН ЕУ, ВО ОПОЗИЦИЈА ЌЕ ОСТАНАТ САМО ВМРО-ДПМНЕ И ЛЕВИЦА

0
1054

Вреди да се размислува за формирање предизборна широка европска коалиција во којашто ќе бидат вклучени сите политички партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица, изјави синоќа вицепремиерот Бојан Маричиќ, појаснувајќи дека со една таква коалиција би се отворил широк фронт кој ќе овозможи брзо зачленување на Македонија во Европската Унија.

– Секоја идеја и концепт што оди во насока на креирање широк фронт на политички партии што ќе се најдат на страната на поддршка и на клучните реформи, брзото зачленување на земјава во ЕУ и отстранување на сите бариери на тој пат, е нешто за што вреди да се размисли – изјави вчера Маричиќ во интервју за емисијата „360 степени“.

Ваквата идеја за формирање широка европска коалиција, пак, прв ја соопшти лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој на новогодишниот прием на неговата партија го спомна терминот „фронт за европска Македонија“.

– Овој фронт мора да се изгради и јас и вие заедно го имаме моралното и националното право тоа да го направиме за политичките партии, затоа што Македонија мора да биде европска бидејќи историски и територијално ѝ припаѓа на Европа – рече Ахмети.

Но, колку е прифатлива ваквата идеја за останатите политички партии кои се планирани да ја сочинуваат европската коалиција? Какво мислење делат двете „отпишани“ политички партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои се означени како „антиевропски“?
Класична мајоризација
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во разговор за Плусинфо вели дека владините коалиции треба да се резултат на народната изборна волја.

– Хрватите имаат соодветна поговорка која може да ги отслика и политичките желби на владата на СДСМ поддржана од ДУИ, а таа гласи: „Што се баби хтило, то јој се и снило“. Европски стандард е владата и премиерот да ги бира народот на избори, а не како Димитар Ковачевски и Али Ахмети кои сметаат дека државните функционери треба да му бираат влада на народот. Но, бидејќи Владата не може да ја придобие довербата на мнозинството граѓани, веројатно ќе се обидува да придобие уште еден грст политичари во замена за министерски или директорски функции. Како и да е, владата која нема народен легитимитет најчесто нема ни капацитет да работи во интерес на народот, и порано или подоцна таквите влади паѓаат. Без предвремени избори, не би имале ефикасна влада со демократски легитимитет којашто ќе носи здрави решенија. Целта на власта, според мене, е да се вклучи Алијанса за Албанците во владината коалиција, па со тој потег да се добие некаков амортизер за сите овие проблеми што се случуваат во ДУИ и во СДСМ – посочува Милошоски.

Јована Мојсоска, членка на Президиумот на Левица, вели дека единственото нешто што би се постигнало при евентуалното формирање предизборна широка коалиција е изолирање на македонскиот политички блок.

– Што би било различно во таа предизборна широка коалиција, освен тоа што една или две албански политички партии би се вклучиле во коалицијата? Можно е ова да е само игра за да се зацврсти ослабената ДУИ, па останатите политички партии од албанскиот блок да се претопат во партијата на Али Ахмети. Не може да постои терминот „широка влада“, а таму да не е вклучен македонскиот политички блок. Знаете што ќе следува ако се реализира идејата на власта? Ќе ни се случи мајоризација на малцинството, исто како што се случи за време на гласањето на „францускиот предлог“. Тогаш имаше повеќе пратеници Албанци од Македонци, кои гласаа за прашање кое го задира македонскиот идентитет. Треба да се самоизолира секој доблесен Албанец од кого се бара да гласа за вакви прашања кои ги повредуваат чувствата на Македонците. Тоа се наши емотивни прашања, но СДСМ нема од каде да влече легитимитет и го прави тоа што го прави – коментира Мојсоска.

Губитничка широка коалиција
Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, ѝ ја скрои страшната судбина на широката коалиција уште пред таа да биде формирана.

Подолго време се подготвува широка предизборна коалиција, која има за цел да постигне некаков добар резултат при евентуално одржување предвремени избори. Но, мое лично мислење е дека и таква една широка коалиција ќе доживее тежок пораз на следните парламентарни избори.

Павле Трајанов

Демократски сојуз

– Подолго време се подготвува широка предизборна коалиција, која има за цел да постигне некаков добар резултат при евентуално одржување предвремени избори. Но, мое лично мислење е дека и таква една широка коалиција ќе доживее тежок пораз на следните парламентарни избори. Таа коалиција нема да ја добие поддршката од граѓаните, бидејќи една од главните цели на таа коалиција ќе ѝ биде да го спаси ДУИ од тонење. Многу важно е да се каже дека партијата на Али Ахмети ги загуби изборите во изборната единица 6, односно во Гостивар и во Тетово, а тоа значи дека евентуалната широка предизборна коалиција ќе доживее тежок пораз во изборните единици 3, 4 и 5, каде што албанските политички партии немаат никакво влијание. Нашите анализи и проценки покажуваат дека таквата една широка коалиција би била, пред сѐ, губитничка – објаснува Трајанов за Плусинфо.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, бара најпрво да ѝ бидат одговорени неколку клучни прашања, па дури потоа, врз основа на одговорите, ќе одлучува дали ќе ја поддржи широката коалиција.

– Во политиката може сѐ да се очекува и ништо не е невозможно. Ние на конгресот кажавме дека се залагаме и дека даваме поддршка на сѐ што значи европеизирање на земјава и дека тој европски пат мора да се изоди. Македонија мора да стане членка на ЕУ, бидејќи таму припаѓа и географски и природно. Сѐ што значи брза интеграција е прифатливо за нас, но треба да разговараме и да ни бидат соопштени деталите. Тие можат да зборуваат сѐ и сешто, но ЛДП е посебна политичка партија и не носи одлуки на слепо. Тие ветуваат брза интеграција на земјава во ЕУ, но потребно е да ни објаснат што всушност значи брза интеграција? Како би се одвивала таа брза интеграција? Што значи широка европска коалиција и кои ќе бидат нејзините приоритети? Не е едноставно, ова е сериозно прашање. Сѐ додека немаме средба и не дознаеме каков е планот, ние не можеме да кажеме дали прифаќаме или не прифаќаме широка коалиција – посочува Зајкова.

Иљас: Не смееме да ги отфрлиме ВМРО-ДПМНЕ и Левица
Точно е дека се зборува за некакво формирање предизборна широка коалиција, но сѐ уште не сме добиле официјална потврда од нашиот коалициски партнер СДСМ, вели Бејџан Иљас, лидер на Демократската партија на Турците на Македонија.

– Ние како партија се залагаме за членство на земјава во ЕУ, но никако не прифаќаме поделби во смисла на проевропски и антиевропски партии. Добро е да се направи широка коалиција, но не смееме да ги отфрлиме ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Ако веќе правите нешто за доброто на државата, тогаш вклучете ја и опозицијата, па сите заеднички да изнајдеме решение прифатливо за сите. ВМРО-ДПМНЕ е многу важен и сериозен играч на македонската политичка сцена и не можеме туку-така да ја отфрлиме оваа партија и да ја сместиме во групата антиевропски партии. Јас лично не се познавам со раководството и со пратениците од Левица, па затоа и не сакам да коментирам ништо за оваа партија, но од друга страна, пак, познавам многу пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои искрено посакуваат земјава да стане членка на ЕУ – вели Иљас за Плусинфо.