ДРИСЛА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ЛАЖНИТЕ ОБЈАВИ СО ФАЛСИФИКУВАНИ СОДРЖИНИ

0
401

ЈП депонија Дрисла најостро ги демантира лагите објавени на социјалните мрежи и дел од порталите за несоодветно третирање на медицински отпад дополнето со скандалозни фотографии кои не се од депонијата Дрисла.

ЈП Дрисла не произведува отпад, додека медицински отпад од клинички центар се доставува со специјални возила во посебна постапка. Медицински отпад не се складира ниту се остава на отворено, туку истиот ден се внесува во автоклав каде се третира. До него имаат пристап исклучиво обучени вработени од претпријатието, а со тоа што не се остава на отворено немаат до истиот пристап кучиња или други животни.

Објавените фотографии не се од ЈП Дрисла и не може да дозволиме фалсификување на ваков вид скандал, кој ги загрозува здравствените институции и самото претпријатие, чии 200 вработени секојдневно работат на соодветно третирање на отпадот и на единствената санитарна депонија со А – еколошка дозвола која има единствена цел заштита на граѓаните.

ЈП депонија Дрисла АПЕЛИРА правото и слобода на говорот, правото за јавно собирање и протест да не се злоупотребува како инструмент на политички и лични интереси и за свесно ширење на лаги и дезинформации. Користење на животната средина и здравјето на луѓето како адут за остварување на сопствени политички цели на политички опции кои во ова гледаат единствен начин да покренат поширока маса луѓе, и со лаги да го поткопаат и деградираат законското работење на претпријатието е неприфатливо.

Против лицата кои шират лаги и кои објавуваат дезинформации со фалсификувани фотографии, кои сеат страв и паника без докази, од страна на претпријатието ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.Воедно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство детално да ги истражат овие сериозни дела кои ги доведуваат во заблуда и шират паника меѓу граѓаните, со цел конечно да се стави крај на ваквите манипулации кои се ставаат во функција на политиката.