ДИРЕКТОРОТ ТАСЕВСКИ И СТРАТЕШКАТА ГРУПА ПРИ БЈБ НА СРЕДБА ВО СВР КУМАНОВО И МЕЃУНАРОДЕН АЕРОДРОМ СКОПЈЕ : НАМАЛУВАЊЕ НА КРИМИНАЛИТЕТОТ ЗА 21%, ЗГОЛЕМЕНА ЕФИКАСНОСТ ВО КЛАСИЧНИОТ КРИМИНАЛ ЗА 30%

0
520

Денеска (10.08.2023) во рамки на реализацијата на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ директорот Сашо Тасевски, заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност остварија работни посети на ПС за ГП Меѓународен аеродром Скопје и на Секторот за внатрешни работи Куманово, каде од страна на раководствата на СВР Куманово и на РЦ Север, беа информирани за безбедносната состојба на подрачјето, која е поволна.

Така, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Куманово во првата половина од 2023 година вкупниот криминалитет бележи намалување за 21,1% во споредба со истиот период од минатата година, при што особено се издвојува сегментот на класичниот криминал, каде СВР Куманово бележи зголемена ефикасност од 30,5% во однос на лани.

Посебно беше потенцирана работата на Одделот за криминалистичка полиција од почетокот на кампањата „Безбедно лето 2023“, во рамки на која при претреси на повеќе локации во Куманово, во домови и други простории биле пронајдени хероин, амфетамини, таблетки екстази, пари во износ од 28.000 евра во различни валути, нотарски договори и други предмети поврзани со различни кривични дела.

СВР Куманово, исто така, бележи и намалување на бројот на пријави во областа на јавниот ред и мир во текот на првото полугодие од 2023 година во однос на минатата година, при што е регистрирано намалување од 15,3% на прекршоците за кои се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка. Во анализираниот период, на подрачјето на СВР Куманово за првите шест месеци од годината има намалување на вкупниот број на сообраќајни незгоди, а намален е и бројот на сообраќајни незгоди кои се случиле во населено место и тоа за 21,7%.

Директорот Тасевски ја посети и ПС за ГП Меѓународен аеродром Скопје, која е дел од Регионалниот центар за гранични работи „Север“. Според споделените информации, во периодот од првата половина од оваа година на овој граничен премин поминале вкупно 1.228.402 патници, а низ целата северна граница забележан е тренд на зголемување на протокот на патници во однос на лани за 21,4%. Оваа полициска станица за граничен премин во анализираниот период има реализирано 12 случаи на употреба на фалсификувани документи и 13 случаи на послуги со туѓи документи, а согласно месечните планови за откривање и спречување на прекуграничен криминал на Меѓународен аеродром Скопје откриени седум случаи на прекуграничен криминал, и тоа главно во врска со недозволена трговија со дрога, оружје и криумчарење акцизни стоки.