ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ ГИ ПОВИКА БИТОЛЧАНИ ДА НАМАЛАТ СО ДРУЖЕЊАТА ПРЕД ВАСИЛИЦА ОТИ РАСТЕ БРОЈОТ НА БОЛНИ ОД КОВИД

0
477

Бројот на прегледи на ковид пациенти е трипати поголем во Клиничката болница во Битола во споредба со бројот на хоспитализирани и лица кои ја посетуваат дневната болница поради истата болест.

„Од 43 лица, 17 се хоспитализирани, а 26 доаѓаат да примат терапија. Но, голем е бројот на прегледи на пациенти со ковид-19 , кој во двете амбуланти изнесува 123. Од заболените, полесно поминуваат оние кои се вакцинирани, а во последно време има и реинфекции“, рече директорката на Клиничката болница, Билјана Гагачовска.

За епидемиолошката состојба во Битола се разговараше и на состанокот на Кризниот штаб. Битола има дури 876 активни случаи на коронавирус, најмногу по Скопје, а во изминатите 24 часа се потврдени уште 49 новозаразени. Градоначалникот Тони Коњановски, кој по професија е епидемиолог, рече дека бројките пораснаа по празниците и апелираше до граѓаните да намалат со дружењата пред Василица.

„Бројката од над 100 новозаразени дневно по новогодишните празници се зголеми на 600 неделно. Во однос на хоспитализации, бројот е стабилен, но има многу прегледи во ковид амбулантата. Би сакал да апелирам до граѓаните да ги почитуваат мерките, да намалиме со дружењата во претстојните денови“, изјави Коњановски.

За битолчани, празнувањето допрва доаѓа со Василица или Стара нова година, која се одбележува на 13 и 14 јануари. Освен семеен, ова е и празник на друштвата кои се збираат за да свртат мазник со паричка. Во минатите години имаше толку големи навалици во рестораните и кафеаните што празникот се славеше три дена пред Василица и неколку дена потоа.

Бројот на активни случаи во Битола сега е двојно поголем во споредба со јануари 2021, кога ги имаше 392. Бројот на починати за една година е зголемен за повеќе од двојно. До божиќните празници лани имаше 146 умрени, а во меѓувреме бројката стигна до над 400.