БРНЗ СО ПИСМО ДО ЈАВНОСТА : ПРЕДЛОГОТ НЕ Е СОВРШЕН, НО Е РЕАЛНО НАЈДОБРА МОЖНОСТ

0
593

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска го пренесе охрабрувањето на САД до Северна Македонија да продолжи по патот на евроатлантските интеграции, со сегашниот предлог за пристапување во ЕУ. Таа потенцира дека изборот е суверено право на нацијата, одлуката е тешка, но нагласи оти е потребно да се направи првиот чекор за да се оди понатаму во преговарачкиот процес, во кој, како што рече, на преговарачката маса земјата ќе може да направи различни избори, кога ќе процени дека нејзините забелешки не се земаат предвид.

Амбасадорката Брнз во отвореното писмо до јавноста, објавено на веб страницата на Американската амбасада нагласи дека земјава го достигнала историскиот момент во нејзиното долго патување кон евроатлантската иднина.

-Европската комисија ќе ги прима вашите тимови во Брисел и ќе испраќа свои експерти тука на терен, за да го спроведат процесот на скрининг и самите да станат сведоци на живото демократско општество овде. Откако ќе ги започнете преговорите ќе имате повеќе алатки на располагање и, благодарение на новата методологија, ран пристап до фондовите и програмите на ЕУ, кои ќе можете да ги користите за реализација на сопствените цели и изградба на иднина каква што посакувате за себе и за вашите деца. А тогаш кога ќе бидете членка на ЕУ, ќе имате еднаков глас внатре во Унијата, исто како што сега имате во НАТО, се вели во писмото.

Таа напомена дека повеќе влади и пошироката јавност две децении работеле и се уште работат на пристапувањето кон ЕУ и додаде дека САД се со земјава по патот за остварување на евроатлантската иднина од 2004 година, при што првата аспирација – членство во НАТО е остварена.

-Прашањата содржани во предлогот се технички и ви беа презентирани без многу време за јавна дебата. Разбираме дека предлогот не е таков каков што вие би го подготвиле доколку би имале можност еднострано да ги диктирате условите – но тој го признава македонскиот јазик и идентитет и ги заштитува од понатамошни предизвици. Иако можеби не е совршен, предлогот го прави она што е потребно: ги заштитува вашите клучни интереси и овозможува отпочнување преговори и динамичен процес на скрининг. Според нашето прагматично гледиште тој претставува реално најдобра можност конечно да ја придвижите вашата земја напред на патот кон ЕУ, истовремено зајакнувајќи ја вашата улога во одлучувањето за сопствената иднина.

Изборот да продолжите напред е ваша одлука како суверена нација. Знаеме дека одлуката е тешка. Но одлуката ќе остане ваша и кај вас и низ целиот пристапен процес. Кога ќе сте на преговарачката маса, и кога ќе сметате дека вашите забелешки не го добиваат потребното внимание, ќе имате можност да направите различни избори. Но, треба да го направите првиот чекор за да стасате до вториот, се вели во дел од писмото.